Бербок го повика Орбан да се откаже од најавеното вето за почеток на пристапните преговори со Украина во ЕУ

од Radmila Tasevska
623 прегледи

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска го повика унгарскиот премиер Виктор Орбан да се откаже од ветото за почеток на преговорите за пристап на Украина во ЕУ и одобрување дополнителни средства за Киев.

Бербок зборуваше во Љубљана, каде што е во посета, заедно со нејзината словенечка колешка Тања Фајон.

Претходно Орбан му пиша на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, да го повика да ги отстрани разговорите за почеток на пристапните преговори на Украина со ЕУ од агендата на самитот на лидерите на ЕУ следната недела, пишува порталот Политико.

– Во моментов немаме време за игри. Ако сме во ситуација кога мирот во Европа е нападнат, тогаш мораме да правиме се што можеме секој ден и секој час за да го заштитиме нашиот народ, а уште повеќе народот на Украина, на најдобар можен начин, рече Бербок во Љубљана.

Како што потсетува Политико, ЕУ планираше да одобри почеток на преговорите со Украина и доделување на 50 милијарди евра финансиска помош за Украина за време на самитот што треба да се одржи на 14 и 15 декември. Но, тие чекори бараат едногласна согласност од сите 27 лидери на Унијата, дозволувајќи му на Орбан да се закани со вето.

Дипломатите не се согласуваат околу тоа дали Орбан е решен да ја спречи поддршката за Украина или се обидува да го уценува Брисел да ја натера ЕУ да ослободи повеќе од 13 милијарди евра европски фондови за Унгарија кои сега се блокирани поради приговори за владеењето на правото.

Бербок, сепак, вети дека „ЕУ ќе направи се што може за Украина да го направи следниот чекор во пристапните преговори“.

Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон исто така го критикуваше Орбан за време на прес-конференцијата.

„Не прифаќам уцени“, рече Фајон и додаде дека земјите што направиле реформски напори да станат членки на ЕУ „не смеат да станат жртви на националната политика“.

Слични содржини