Бербок: За македонските евроинтеграции да одат напред, неопходно е да се случат уставните измени

од Nikola Popovski
37 прегледи

Германија останува силен поддржувач на македонскиот евроинтегративен пат и се залага услов во преговорите да бидат Копехашките и Мадридските критериуми, а истовремено билатералните прашања меѓу земјите да бидат изоставени од процесот, изјавил шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски на прес-конференција по средбата со неговата германска колешака, Аналена Бербок.

Според Муцунски, „ние сме свесни од потребата од компромис за да ја движиме државата напред, но исто така укажуваме дека сме држава која 30 години постојано прави компромиси и се соочува со неизвесност во европскиот пат“.

-Најголем предизвик е тој со Бугарија. Моментално кај источниот сосед има избори и треба да внимаваме да не се навлечеме во изборниот процес, па да бидеме главна тема која што понатаму ќе биде пречка за изнаоѓање решение. Се надеваме дека по изборите во Бугарија ќе се формира политичка влада и со таа влада заеднички да седнеме и да наоѓаме рационални решенија за иднината на регионот, кажа меѓу другото Муцунски.

Бербок на прес-конференцијата порачала дека нејзината земја се залага да постои квалификувано, наместо едногласно одлучување во рамките на ЕУ, но додека такво нешто не се случи, остануваат да важат истите правила на игра, како и досега. Таа додадала дека за македонските евроинтеграции да одат напред, неопходно е да се случат уставните измени.

-Знаеме колку е тешко да се направат уставни измени во демократиите и тоа го барав и при мојата последна посета на Северна Македонија. Но, тогаш беше во тек изборна кампања и разбрав дека тогаш овој чекор не беше можен. Oвој чекор за промена на Уставот е потребен, во спротивно не можат да се продолжи со пристапниот процес, истакнала германската министерка по самитот на Берлинскиот процес во Берлин.

Денешната средба е прва на двајцата министри по преземањето на министерската позиција на шефот на македонската дипломатија.

Скопје и Софија во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но, Бугарија во 2019 година стави вето Македонија да добие датум за почеток преговорите за членство во ЕУ поради историски, јазичен и идентитетски спор.

Со прифаќањето на „францускиот предлог“, за кого имаше низа протести пред македонското Собрание и усвојувањето Ппреговарачката рамка во која се доби чисто именување на македонскиот јазик, без дополнителни фусноти, Македонија ги отвори пристапните преговори со ЕУ минатото лето, откако делумно беше надмината блокадата со Бугарија.

Слични содржини