Поранешниот албански премиер и сегашен лидер на главната опозициска Демократска партија на Албанија, Сали Бериша, не се појави пред Специјализираната структура за борба против корупцијата и организираниот криминал на Албанија (СПАК) на сослушување во врска со настаните од 21 јануари 2011 година, кога четворица демонстранти беа застрелани од полицајци за време на антивладин протест, објави Албанската радиотелевизија.
СПАК му испрати повик на Бериша на 10 ноември и тој требаше да се појави пред специјалното обвинителство за борба против корупцијата денес.
На 21 јануари 2011 година, пред зградата на владата во главниот град на Албанија, Тирана, беше организиран протест од тогашната опозициска Социјалистичка партија на Албанија (која сега е на власт – н.з.) со кој се бараше оставка од владата поради обвинувања за корупција.
Стотици граѓани протестираа пред Албанскиот совет на министри во центарот на Тирана тој ден, барајќи отстранување на тогашниот премиер Бериша, а само неколку минути по почетокот на демонстрациите, полицијата беше нападната со камења и тврди предмети, потсетува и Албанската радиотелевизија. Тензиите дополнително ескалираа кога неколку демонстранти се обидоа да влезат во дворот на Министерскиот совет, по што следеше пукање на територијата на владината зграда, како резултат на што починаа демонстрантите Хекуран Деда, Зивер Веизи, Фаик Муртаџи и Алекс Ника. Ника беше примен во Воената болница во Тирана и испратен на понатамошно лекување во Турција, каде што почина неколку дена по протестот.
Бериша на прес-конференција во тоа време изјави дека демонстрантите сакале да извршат државен удар против него, додека опозицијата изјави дека државата убила четворица невини албански граѓани и ги обвини Бериша и поранешниот министер за внатрешни работи Лулзим Баша дека се оние што ги нарачале убиствата, потсетува уште медиумот.
Баша добил покана за случајот „21 јануари“ и се појавил пред СПАК на 30 октомври 2025 година.
Истрагата на СПАК за случајот започнала на барање на роднините на Алекс Ника, за чие убиство сè уште нема осомничен. Неговото семејство инсистирало СПАК да го истражи случајот, но антикорупциската структура одбила да разгледа прашање за кое обвинителството во Тирана, исто така, спроведува истрага.
На 14 ноември 2023 година, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур заклучил дека настаните од 21 јануари се „државно злосторство“ и дека како такви треба да бидат истражени од страна на албанското судство, исто така забележува медиумот. Една година подоцна, во 2024 година, Врховниот суд на Албанија донесе одлука со која му наложи на СПАК да започне истрага за случајот „21 јануари“ врз основа на сведочењето на семејството Ника.
Истрагата на СПАК има за цел да фрли светлина врз тоа кој бил одговорен за она што се случило тогаш и каков бил командниот синџир што довел до употреба на огнено оружје против демонстрантите, објави Албанската радиотелевизија.