Германскиот канцелар Олаф Шолц го поддржа проширувањето на фабриката на Tesla во близина на Берлин. Гринхајд е единствената европска фабрика на американскиот производител на електрични автомобили, според ДПА.
Шолц рече дека се надева оти соработката со Tesla, чиј сопственик е Елон Маск, ќе оди исто како и со Ford, кој има фабрика во Келн речиси 100 години.
Во Келн, партнерството меѓу компанијата и градот отвори перспектива за иднината, изјави тој за весникот Märkische Allgemeine во четвртокот.
Tesla сака да го удвои планираното производство од половина милион автомобили годишно.
Од друга страна, активистите за заштита на животната средина, но и населението се многу загрижени бидејќи фабриката делумно е во заштитно подрачје.
Во моментов се протестира против проширувањето на фабриката со товарна станица и дел за логистика.
Канцеларот го осуди нападот, кој предизвика прекин на електричната енергија во фабриката, и повика на истрага. „Тоа беше терористички напад“, рече Шолц.
„Полицијата и безбедносните органи мора да направат се за да ги идентификуваат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата“, додаде.
На почетокот на март, засега непознати сторители го запалиле столбот за пренос што ја снабдува фабриката на Tesla со електрична енергија. Фабриката не работеше речиси една недела.
Одговорноста за нападот ја презеде левичарската екстремистичка група Вулкан. Обвинителството истражува кој стои зад инцидентот.
Шолц вели дека нема негативни последици за инвестициите во Германија по нападот. „Не гледам никакви индикации дека тоа ќе ги одврати инвеститорите“, рече германскиот канцелар.