Берлинскиот процес доаѓа за првпат во регионот. Поточно, во Тирана, на 16 октомври ќе се одржи следната средба на високо ниво, соопштија попладнево од германската амбасада во Тирана, јави АТА.
Целта на Берлинскиот процес е продлабочување на регионалната интеграција и лидерството на балканските земји.
Ова ги вклучува развојот на инфраструктурата, економијата, регионалната младинска размена, помирувањето и науката.
– Преку создавањето на Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), младите учат повеќе за соседните земји и сфаќаат дека имаат повеќе заедничко отколку разлики. Дури и потпишувањето на договорот за роаминг е успех на Берлинскиот процес: оттогаш, можете бесплатно да сурфате на плажа во Црна Гора и да се јавите дома – ова се разбира важи и за сите други земји од Западен Балкан, пренесува агенцијата.
Како што оценува, ова се само два резултати од кои земјите имаат значителна корист и кои го подготвуваат регионот за членство во ЕУ.
Како други придобивки се посочуваат подобри можности за вработување, создавање интегриран и конкурентен пазар, неограничено патување, студирање и вработување во западен Балкан и дополнителен раст на БДП во регионот за 6,7 отсто.
Берлинскиот процес инициран од поранешната германска канцеларка Ангела Меркел е замислен во формат на годишни состаноци меѓу Унијата и Западен Балкан.
Првата таква средба беше во 2014 година во Берлин.