Бернард Арно е повторно најбогатиот човек, Безос загуби 14 милијарди долари за еден ден

од Nikola Popovski
502 прегледи

Џеф Безос веќе не е најбогатиот човек на светот. По пријавувањето на деловните резултати во вториот квартал, акциите на „Амазон“ паднаа за 7,6 проценти, па Безос, како најголем акционер, загуби најмногу – 13,9 милијарди долари. Сега, францускиот магнат Бернар Арно повторно се искачи на тронот на најбогатите.

Арно и Безос се менуваа на првото место во мај и јуни, но основачот на „Амазон“ седеше на престолот во последните 50 дена.

Французинот го зголеми своето богатство за повеќе од 100 милијарди долари во текот на минатата пандемиска година, но неговиот конгломерат стагнираше со деловни резултати оваа година, особено од почетокот на летото.

Арно поседува 47 проценти од акциите на компанијата која ги обединува брендовите како „Луј Витон“, „Моет & Чандон“, „Кристијан Диор“, „Тифани и Ко“.

Иако акциите на „Амазон“ загубија вредност, компанијата не забележа лоши резултати, само не толку добри како што се надеваа акционерите.

Американскиот гигант пријави 113 милијарди приходи, што претставува зголемување од 27 проценти во однос на истиот период минатата година, како и 7,8 милијарди нето добивка.

Сепак, Амазон предвидува дека приходите во третиот квартал ќе бидат помеѓу 106 и 112 милијарди, што е под претходните очекувања од 119 милијарди долари.

Падот на акциите на „Амазон“ влијаеше и врз богатството на поранешната сопруга на Безос, Мекензи Скот, која доби дел од акциите во компанијата по разводот. Таа загуби 4,6 милијарди, па сега нејзиното лично богатство се проценува на 56 милијарди долари.

Слични содржини