Екс потпретседателката на движењето БЕСА, Беса Кардиу, преку Фејсбук статус жестоко ја критикуваше владата и премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи ги за двојни стандарди и бегање од одговорност во врска со случувањата во Кочани.
„Неодамнешните изјави на премиерот за случајот во Кочани јасно покажуваат недостаток на државна одговорност и стратешки пристап. Наместо да се соочи со одговорноста на владата за институционалните неуспеси и неодговорното издавање лиценци, тој продолжува со одбегнување на темата. Несомнено, треба да се утврди одговорноста за издадените лиценци, но зарем не е подеднакво важно да зборуваме и за актуелната одговорност?“ – напиша Кардиу.
Таа го обвини премиерот и за користење на, како што вели, „низок и националистички“ јазик кој наместо да нуди решенија, ги продлабочува поделбите во општеството.
„Од почетокот на оваа влада се забележува јасен прекин во пристапот на Албанците до клучните институции. Оваа политика на исклучување и отстапување од правдата нема да доведе до ништо друго освен до дестабилизација и целосно бегање од одговорност“ – додава таа.
Кардиу ја повика владата да престане со, како што вели, „празната реторика“ и да преземе конкретни чекори за решавање на проблемите.
„Ако не се смени пристапот и не се создадат нови стратегии за правда и еднаквост, оваа политика на избегнување одговорност ќе има сериозни последици по стабилноста на државата“, заклучува таа.