Поп-ѕвездата Лејди Гага неодамна се потсети на турнејата „The Monster Ball“ поради која банкротирала. Имено, таа турнејата ја одржа во 2010 година, кога беше надалеку позната како светска ѕвезда, а сето тоа благодарение на хитовите кои беа меѓу најслушаните во тој период.
На врвот на нејзината популарност, тимот на Лејди Гага ѝ кажал дека нема повеќе пари, но таа успеа да го надомести тоа со распродажба на стадиони и сали ширум светот.
Музичката ѕвезда истакна дека не била свесна што се случува.
„Всушност банкротирав откако првиот пат ја продолживме турнејата The Monster Ball. И беше смешно бидејќи не знаев“, признала таа за „Фајненшл тајмс“.
Лошата вест ја добила од нејзиниот тим.
„Се сеќавам дека им се јавив на сите и им реков: Зошто сите велат дека немам пари? Ова е смешно, имам пет синглови бр. 1. А тие ми рекоа: Па, должиш 2,6 милиони евра“.
Магазинот „Форбс“ ја вброи Лејди Гага меѓу 100-те најбогати самоостварени жени, а нејзиното богатство се проценува на околу 136 милиони евра.