Унапредување на економската соработка помеѓу РС Македонија и Обединетото Кралство, зголемување на странските инвестиции во нашата држава, како и продлабочена соработка во доменот на управувањето со јавните финансии беa дел од поважните теми на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими со амбасадорот на Обединетото Кралство во РС Македонија, Метју Лосон и заменик-шефот на мисијата во нашата држава, Јулија Смит.
Трговската размена со Обединетото Кралство во 2021 година изнесуваше 11,3 проценти од вкупната стоковна размена, додека само во првите седум месеци од годинава изнесува околу 10 проценти. Притоа, извозот во Обединетото Кралство со вкупна вредност од 177,8 милиони евра минатата година бележи раст од 24 проценти, додека во првите седум месеци годинава е остварен извоз од приближно 100 милиони евра.
Во рамките на Западен Балкан, Обединетото Kралство има најголем фонд на директни инвестиции токму во РС Македонија.
На средбата беа упатени и честитки за напредокот на нашата држава во евроинтеграциите. Притоа, како партнерски држави во НАТО, беше истакната важноста од унапредувањето на соработката во делот на доброто владеење и борбата со криминалот. Во овој дел од особено значење е и соработката на царинските управи, во полето на превенција, истрага и борба со царинските измами.
Бесими упати честитки до амбасадорот по повод неговото назначување и му посака успешна работа, како и плодна соработка во доменот на јавните финансии.