Бесими: Oсновните прехранбени производи остануваат со 5% даночна стапка

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Пристапено е многу внимателно во однос на заштитата на стандардот при подготовката на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на ДДВ, што стапи во сила денеска. Нема никакви промени во однос на минималниот стандард и не ги опфаќа основните прехранбени производи од потрошувачката кошничка, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

На брифинг со медиумите тој посочи дека листата на производи опфатени со Одлуката била долго време на расправа и на увид кај засегнатите страни, досега немало реакции, но можни се пропуст, како што рече, кај минорен број артикли. Поради евентуални технички пропусти и ако има проблеми при практичната примена со оглед на дилемите околу тарифирањето ќе се интервенира за што разговара со Царинската управа.

-Целта на одлуката е јасна, основните прехранбени производи остануваат со пет проценти даночна стапка. Тоа е јасна цел, позиција и политика на Владата. Со оваа одлука остануваат со пет проценти прехранбените производи што се во потрошувачката кошничка. Што се однесува до минималниот стандард нема никакви промени, вели Бесими.

По стапувањето во сила на Одлуката, според МФ, има реакции и дилеми кај тарифирањето бидејќи досега беше една даночна стапка и тарифирањето било поедноставно. – Сега на пример за некој кашкавал којшто бил увозен во истата тарифна ознака влегува и некој од домашните. Тоа се одредени дилеми кои можеби се нејасни, но ќе ги исправиме, но не се повеќе од две или три тарифни ознаки. Имаше пример за урда и моцарела со ист тарифен број. На моцарелата и нула проценти да и ставиме цената и е висока и не може секој граѓанин да си дозволи. Тарифниот број бил ист и не можел да се издвои затоа што досега немало потреба. Ќе гледаме со Царината ако може да се изменат тие тарифни броеви, велат од МФ и истакнуваат дека ако има реакции за нешто што е оправдано ќе се реагира.

Во однос на другите држави во регионот и во Европската унија, според МФ, и со оваа Одлука и сега сме со најширока листа на производи со најниска повластена тарифа. Целата одлука, појаснуваат, се однесува на повластена тарифа, 2 600-те производи не се на 18 проценти, сите се под 18 проценти, а тие што се основни, 1600, остануваат на пет проценти, додека околу 1000 одат на 10 проценти.

-Споредено со другите држави од регионот ние сме со најниска основна стапка на ДДВ од 18 проценти, кај останатите е 20, 23, 25, 27… И во таква ситуација сме и со најниска повластена стапка за разлика од некои што имаат само една повластена стапка ние имаме две. Со оваа мерка е пристапено многу внимателно во однос на заштитата на стандардот, особено за тие со пониски примања и за основните прехранбени производи и нема да влијае на тие што се на листата на времената мерка на Владата за гарантирани цени, вели министерот Бесими.

Слични содржини