Бесими со членови на Фискалниот совет: Фокусот ќе биде подготовката на Буџетот за 2024

од Nikola Popovski
461 прегледи

Фискалниот совет, односно независното тело кое ќе ги надгледува макроекономските и фискалните политики во земјава, станува оперативно. Воспоставувањето на Фискалниот совет е со цел зајакнување на системот, а е дел од поширока реформа за здрави и одржливи буџетски и макроекономски политики, посочи денеска министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој се сретна со членовите на Советот, по одржувањето на конституитивната седница седница на која се утврдени принципите и насоките на делување и работа на ова тело и едногласно е избран за претседател проф. Глигор Бишев.

Формирањето на Фискалниот совет е предвидено со реформскиот Закон за буџети, а го сочинуваат независни членови предложени од Народната банка, МАНУ и Државниот завод за ревизија, кои ги избира Собранието на РС Македонија. Првиот состав на Фискалниот совет го сочинуваат: академик Абдулменаф Беџети, предложен од МАНУ, Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, предложена од Државниот завод за ревизија и Глигор Бишев, по предлог на Народната банка. На средбата во Министерството за финансии, присуствуваа и заменик-министерот за финансии Филип Николоски и државниот секретар во МФ Јелена Таст.

На средбата беше потребата од соработка и размена на материјали и информации, споделување документи, за операционализација и исполнување на улогата на телото. Во оваа насока наскоро ќе се одржи и состанок на кој во фокусот ќе биде подготовката на Буџетот за 2024 година.

„Фискалниот совет е дел од големата реформа во јавните финансии, каде независно тело ќе го надгледува спроведувањето на таргетите, оценува макроекономската поставеност и политиките кои се спроведуваат. Но, Фискалниот совет е важен сегмент од поставувањето на нов и подобар систем на јавните финансии, додека реформите предвидуваат и фискални правила, интегриран систем на јавни финансии, мерење на резултатите и голем број на други реформи кои ќе ја зацврстат структурата и ќе придонесат кон фискална одржливост.”, посочува министерот за финансии Бесими. и додаде дека улогата на Фискалниот совет е обезбедување сеопфатна оценка на фискалниот ризик, преку информации за можните закани по фискалната позиција на земјата и обезбедување интегриран пристап за управување со вакви ризици. Анализата на фискалниот ризик ќе придонесе кон подобро разбирање на позицијата на јавните финансии и на тој начин обезбедување поддршка за водење претпазливи фискални политики, како и зајакнување на отчетноста за управување со ризикот.

Фискалниот совет, согласно Законот, на независна, објективна и професионална основа ќе изработува анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија, Измената и дополнувањето на Буџетот на државата, Полугодишниот извештај за реализација на буџетот, Завршната сметка на Буџетот и друга документација поднесена пред Собранието на Република Северна Македонија или објавена согласно со овој закон и слично.

Реформите во јавните финансии имаат за цел подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, одржливост и континуитет во спроведувањето на политиките, поправичен модел гледано од аспект на приходите, расходите и начинот на финансирање и следење и мерење на резултатите. Реформите во јавните финансии се неопходни за забрзан економски раст и тие се потврдени во извештаите на меѓународните финансиски институции, а агенцијата „Фич” во последниот извештај констатира дека Владата продолжува со подобрување во управувањето со јавните финансии и го истакнува формирањето на Фискалниот совет.

На средбата од двете страни беше истакната определбата за вложување на своите знаења и капацитети во насока на исполнување на оваа реформска агенда и остварување на повисоки стапки на раст и просперитет.

Слични содржини