Бесими: Украинската криза е војна помеѓу две многу важни алки во глобалните синџири на снабдување

од Vladimir Zorba
212 прегледи

Изминаа две турбулентни недели од црниот 24 февруари, кога Русија ја започна воената инвазија врз Украина. Ненадминлив удар за човештвото, поради досега изгубените илјадници човечки животи и семејни трагедии. Остар удар и врз светската економија и животниот стандард на милиони граѓани ширум светот. Зошто е погодено светското население? Бидејќи украинската криза не е само војна помеѓу две држави, туку војна помеѓу две многу важни алки во глобалните синџири на снабдување. Русија е најголемиот извозник на гас, втор најголем извозник на нафта, важен извозник на метали, додека заедно со Украина се едни од најголемите извозници на жито во светот, пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата редовна неделна колумна.

Во текот на овие две недели, рубљата го пробиваше дното, цената на барел нафта го уриваше плафонот (за првпат од 2008 година се искачи над 130 долари за барел), а меѓународната заедница презеде санкции за економска изолација на Русија. Стана јасно дека кризата во Украина ќе се одрази врз глобалната економија. ММФ веќе најави дека ќе ја ревидира надолу проекцијата за годинешниот економски раст, откако претходно во јануари беше намалена за 0,5 процентни поени на 4,4%. Европската централна банка веќе направи ревизија на својата проекција за раст на економијата во еврозоната од 4,2% на 3,7%, што во некоја мера е и позитивно, бидејќи засега не се очекува навлегување на европската економија во нова рецесија (што се добри вести и за нас, со оглед на поврзаноста на домашната со европската економија). Очекувањата на ЕЦБ за инфлацијата во еврозоната е покачена од проектираните 3,2% на декемвриската седница, на 5,1%. Тие очекуваат во 2023 инфлацијата да падне на 2,1%, додека во 2024 година би се симнала под 2%, односно 1,9%.

Она што се исправи како најголем предизвик пред креаторите на политиките е секако тоа дека ситуацијата во Украина придонесе за кулминација на ценовните притисоци на примарните производи на светските берзи. Овие ценовни притисоци започнаа во 2021 година, или она што е познато во јавноста, како енергетска криза. На почетокот на пандемијата 2019-2020 година имаше голем пад на побарувачката на енергија, и како резултат на тоа соодветно намалување на производството на нафтата. Кога пак економиите почнаа да функционираат во рамки на „новото нормално“, производителите бавно реагираа на закрепнувањето на побарувачката. Истовремено, имаше повеќе локални случувања во контекст на енергетската криза. На пример, Кина на крајот од 2020 година целосно го блокираше увозот на јаглен од Австралија. На Бразил – кој две третини од својата електрична енергија ја добива од хидроцентрали, му се случи најголемата суша во изминатиот век. Истовремено, тука се и залагањата за зелена енергија и намалувањето на емисиите на CO2 во Европската унија. Околу една петтина од зголемувањето на цената на електричната енергија може да се припише на напорите за намалување на емисиите на јаглерод диоксид. Ова беше посочено и од европскиот комесар за климатски активности, Франс Тимерманс.

Растот на цената на енергијата на светските берзи, вклучително и на други примарни производи, ги подгреа вкупните ценовни притисоци кои преку меѓународните пазари се прелеаа во националните економии. Сега, тие притисоци, како резултат на кулминацијата на руско-украинската криза, стануваат се посилни.

Целата колумна на следниот линк!