Во БЕЛГРАД денеска се одржа манифестацијата Бесмртниот полк, по повод Денот на победата против фашизмот во Втората светска војна, со порака дека „Србија и Русија секогаш биле на вистинската страна на историјата“.
По парадата од центарот на градот, учесниците положија венци и свеќи на Ослободителните гробишта Белград, а на комеморативната поворка присуствуваа и рускиот амбасадор во Србија Александар Боцан Харченко и претставниците на српската влада министрите Ненад Поповиќ и Александар Вулин, но ниту еден од државните претставници не сакал да зборува пред новинарите за актуелните односи меѓу Србија и Русија, пренесува Н1 Белград.
Министерот без ресор во Владата на Србија Ненад Поповиќ истакнал дека „Србија и Русија секогаш биле на вистинската страна на историјата“ и порачал дека денешните генерации имаат обврска „да ги бранат двете најголеми вредности на Србија – слободата и независноста“.
На собирот со извиците „Ура“, „Да живее Русија“, „Да живее Путин“, беше носена картонска фигура со ликот на рускиот претседател, како и големата буква „З“, симбол под кој руските трупи влегоа во Украина на 24 февруари. Националниот јавен сервис (РТС) денеска, за разлика од претходните години, не ја емитуваше парадата директно на Црвениот плоштад во Москва, по повод одбележувањето на 77-годишнината од Денот на победата.
Фото: Amir Hamzagic/ATAImages/PIXSELL