Бесплатен, а празен: Само петтина од граѓаните на овој главен град користат јавен превоз

од Nikola Popovski
305 прегледи

Воведувањето на бесплатен јавен превоз во Луксембург пред една година не ги промени драстично навиките на граѓаните. Тие сè уште не го користат многу.

Една година откако стана бесплатен, само двајца од 10 жители редовно одат на работа со јавен превоз. Шест од 10 лица сè уште патуваат со автомобил, според државната агенција за статистика.

Со население од само 614.000 жители, Луксембург е една од најмалите земји во Европа и е прва земја во светот каде од 29 февруари 2020 година јавниот превоз е бесплатен за сите.

Една од целите на проектот бил да се зголеми бројот на патници во јавниот превоз за 20 проценти до 2025 година.

Луксембург има огромен сообраќаен проблем. Главните патишта редовно се зафаќаат во сообраќаен метеж, автобусите се старомодни, а железничката мрежа е позната по доцнењата.

Околу 200.000 работници, скоро половина од работната сила на Луксембург, патуваат од Белгија, Франција и Германија, а ги привлекуваат добри плати и богата економија.

Гужва создаваат и „туристите за бензин“ од соседните земји, кои ја преминуваат границата поради пониската цена на дизелот и бензинот.

Изгубениот приход од билетите, како резултат на бесплатниот јавен превоз, изнесува 41 милион евра, но тоа го компензираат даночните обврзници.

За многу работници во Луксембург, сепак, државата го субвенционираше годишниот билет, така што всушност малку луѓе потрошиле пари за превоз претходно.

Слични содржини