Во Грац, Австрија, паниката и стравот се уште не стивнуваат откако поранешен ученик на 22 година влезе во средно училиште и почна да пука со пиштол и пушка. Според очевидците, тој не застануваше со истрели додека беснееше низ училниците, убивајќи осум ученици и еден наставник. Напаѓачот потоа изврши самоубиство во училишниот тоалет.
„Трчавме колку што можевме, без да гледаме назад, во паника. Истрелите не престануваа,“ раскажуваат луѓето кои биле во училиште во тој момент, опишувајќи го хаосот што следел. Меѓу жртвите се и двајца млади од Босна и Херцеговина кои биле ученик и студент, иако немале австриско државјанство. Училиштето е со слободен пристап и без обезбедување, што предизвика дополнителни реакции и отвори дебата за безбедноста во школските објекти, особено во земја како Австрија каде граѓаните имаат релативно лесен пристап до оружје.
Повеќе од 30 лица се повредени, а здравствените работници итно ги третираат во неколку болници во Грац. Родителите добија дозвола да ги земат своите деца од училиштето, додека службите за итни случаи продолжуваат со пребарување и обезбедување на местото.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер ја прогласи оваа трагедија како „најтемниот ден во историјата на Австрија“ и прогласи тридневна жалост. Полицијата ја огради областа и апелира до граѓаните да ги следат инструкциите на службите за безбедност. Специјалните единици брзо интервенираа, а тимовите за итни случаи продолжуваат со напорите за помош на повредените. Овој ужасен настан отвори повторно јавна дебата за потребата од строги контроли на оружјето и подобра безбедност во училиштата.