Кризата трае премногу долго. Се согласувам со тезата дека се работи за спиралата на кризите и секоја следна е уште подлабока од претходната. На ова треба да се стави крај бидејќи има негативни последици за државата и за животот на граѓаните, како и за процесот на интеграција на вашата земја во ЕУ. Политичарите доаѓаат и заминуваат, но државата и граѓаните остануваат, вели во интервју за МИА Мартинј Безак амбасадорот на Република Словачка која од 1 јули го презеде претседавањето со Советот на ЕУ
Според него, некои негативни последици од кризата веќе се видливи и присутни.
– Прв сигнал беше дека за вашата земја се дискутираше на Советот на ЕУ за надворешна политика и тоа е веќе сигнал бидејќи темата за проширување на ЕУ по правило се дискутира на Советот на ЕУ за општи работи, додека на Советот на ЕУ за надворешна политика се дебатира за теми како конфликтот на Блискиот Исток, иранската атомска програма, субсахарска Африка… Значи, ова е веќе прв сигнал. Вториот сигнал скоро дојде, а тоа е суспензијата на дел од финансиските средства од фондот за претпристапна помош т.н. ИПА фонд. Без оглед дали тоа го нарекуваме суспензија или кратење или санкција, суштината е дека тоа е негативен сигнал. Сигурно, тоа не е награда. Јас сега не би сакал да шпекулирам што ќе биде понатаму, кои рестриктивни мерки би можеле евентуално да бидат применети, во секој случај треба да се тргне од оваа мртва точка и да се разреши оваа криза бидејќи, ќе повторам, има негативно влијание врз граѓаните и на државата во нејзината европска перспектива., вели Безак.
Запрашан дали Словачка како нов претседавач со ЕУ би се вклучила поактивно во решавањето на политичката криза во Македонија, Безак вели дека во тој процес ќе ги поддржат напорите и активностите на Делегацијата на ЕУ.
– По усогласувањата со Лисабонскиот договор и креирањето на Европската служба за надворешна акција, се создаде нова правна рамка. Имаме делегации на ЕУ кои се во трети земји, исто така и во Скопје. Ја имаме и високата претставничка за европска надворешна и безбедносна политика г-ѓа Могерини. Значи, главната улога во сегментот на надворешната и безбедносната политика на Европската унија ја исполнува оваа служба и нејзината делегација. Претседателството во Советот на ЕУ вака ја исполнува функцијата на поддршка. Во оваа смисла ние и ќе дејствуваме во текот на нашето претседателство. Значи, ќе ги поддржуваме напорите и активностите на Делегацијата на ЕУ во контекст на решавање на политичката криза во вашата држава , вели амбасадорот Безак во интервјуто за МИА.