Британскиот јавен сервис Би-би-си објави денеска дека размислува за изградба и обука на сопствен модел за вештачка интелигенција (ВИ) кој ќе се потпира на архивите на познатиот британски радиодифузер.
Портпаролот на британскиот јавен сервис ја потврди веста за „Фајненшл тајмс“, велејќи дека Би-би-си планира да изгради сопствен модел на вештачка интелигенција, поточно голем јазичен модел (LLM) кој се базира на текст. Ова потоа би можело да ги потпомага производи, како што се алатките кои ќе им помогнат на новинарите да продуцираат стории, кои можат да се користат интерно во медиумската куќа.
Содржинската архива на Би-би-си е потенцијално вредна за обука на модели со вештачка интелигенција со оглед на релативно непристрасниот став во поголемиот дел од нејзиниот новонарски производ. Научниците за податоци се загрижени дека обуката за вештачка интелигенција за содржини кои „тежнеат“ десно или лево (политички) ќе произведе модели кои исто така имаат проблеми.
Развојот на BBC AI производите преку сопствен тим за истражување и развој веројатно би вклучил користење модели со „отворен код“ – или јавно достапни ВИ-модели, вели извор запознат со ситуацијата.
Повикувајќи се на извори, „Фајненшл тајмс“, исто така, објави дека британскиот радиодифузер разговарал со технолошки фирми за продажба на пристап до своите архиви што може да се користат за обука на модели со вештачка интелигенција.
Портпаролот на британскиот јавен радиодифузер изјави дека Би-би-си во моментов нема договор со ниту една организација да ја користи нивната архива за обука на модели со вештачка интелигенција.
Според него, британскиот јавен радиодифузер во моментов разгледува „широк опсег на прашања“ кои би биле поврзани со таквата соработка.
Секој договор за продажба на пристаот до архивите на Би-би-си може да биде профитабилен. Медиумските групи, вклучувајќи ги Аксел Спрингер и „Ле Монд“, склучија мултимилионски договори со OpenAI за да го користат нивното новинарство за обука на своите модели со вештачка интелигенција, додека други, како што е „Томсон Ројтерс“, склучија повеќе такви договори со развивачи на вештачка интелигенција.