„Биби, оди си дома“: Илјадници луѓе во Тел Авив го прославија „падот“ на Нетанјаху

од Stefanija Kuzmanovska
342 прегледи

Неколку илјади Израелци се собраа во Тел Авив во неделата вечерта да го прослават формирањето на новата израелска влада и смената на поранешниот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Во Ерусалим се одржаа помали демонстрации за поддршка на Нетанјаху пред резиденцијата на премиерот и молитвите на стотици православни и ултраортодоксни Евреи пред Ѕидот на плачот, каде преовладуваше атмосфера на жалост.

Во Тел Авив се славеше на главниот плоштад Рабин и на плоштадот Дизенгоф.

„Биби, оди си дома“, извика еден човек, користејќи го прекарот на Нетанјаху, на говорницата на плоштадот Рабин, каде што минатата година се собраа противниците на Нетанјаху, повикувајќи го да се повлече бидејќи му се суди за корупција.

Учесниците на прославата играа, се прегрнуваа и се радуваа, а многумина дојдоа со деца.

Либералниот Тел Авив смета дека крајот на ерата на Нетанјаху, која траеше 12 последователни години, е историски момент, рече Хен Нево, еден од учесниците на прославата.

Таа објасни дека е „малку шокирана бидејќи толку долго се чекаше тој момент“ и дека не знае дали владата ќе трае, но е неопходна промена.

Градското собрание во близина беше осветлено во боите на израелското знаме.

Некои славенички носеа маици на кои пишуваше „слези“, што беше една од главните пораки на Нетанјаху за откажување од власта за време на претходните демонстрации.

„Ние воопшто не го сакаме Биби“, рече Руби Софер, кој дојде на прославата со своето семејство.

Во Ерусалим, пред резиденцијата, каде најверојатно ја помина последната ноќ Нетанјаху, неколку десетици негови приврзаници вееја знамиња и извикуваа: „Те сакаме“.

Други викаа „Срамота, владата на Хамас и Абас“, алудирајќи на фактот дека за првпат во историјата на Израел, партија на израелски Арапи предводена од Мансур Абас беше во владејачката коалиција.

Нетанјаху излезе да им се заблагодари, велејќи дека го допреле и ги повика да протестираат против новата влада планирана за утре во Тел Авив.

Во меѓувреме, Канал 20, десничарска ТВ-станица која долго време го поддржуваше Нетанјаху, емитуваше омаж за поранешниот премиер со снимки од неговите најголеми моменти на звуците на традиционалната песна за благодарност за се што сторил.

Денес, за прв пат по 12 години, Израелците се разбудија во земја предводена од новата влада и новиот премиер Нафтали Бенет, по синоќешното гласање за доверба на парламентот.

Примопредавањето е закажано за денес, но без официјалната церемонија што традиционално ја придружува промената на владата, соопшти Асошиејтед прес.

Слични содржини