По повод 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во Босна и Херцеговина, високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас, и комесарката за проширување, Марта Кос, издадоа заедничка изјава, објави националната телевизија на Босна и Херцеговина, БХРТ.
„Триесет години по Дејтон, Босна и Херцеговина треба да ја искористи можноста да ја обликува својата европска иднина“, рекоа тие.
Тие потсетија дека Дејтонскиот мировен договор стави крај на едно од најтемните поглавја во историјата на Европа и обезбеди мир што продолжува до ден-денес.
„Сепак, триесет години подоцна, Босна и Херцеговина сè уште се соочува со нерешени предизвици од минатото. И покрај политичките неуспеси оваа година, земјата остана отпорна“, рекоа тие.
Калас и Кос нагласија дека останувањето на патот кон членство во Европската Унија, како единствена, суверена држава во стабилен и безбеден регион, мора да остане крајна цел на Босна.
„Сите политички лидери мора да се фокусираат на реформите потребни за движење напред. ЕУ е подготвена да обезбеди мир и стабилност во Босна и Херцеговина“, нагласија тие, додавајќи дека воената операција ЕУФОР Алтеа останува клучен инструмент во оваа насока.
Дејтонскиот договор беше официјално потпишан на 14 декември 1995 година во Елисејската палата во Париз. Тој ја регулира државната структура на Босна, која е поделена на два полуавтономни дела – Република Српска, населена главно со босански Срби, и Муслиманско-хрватската Федерација на Босна и Херцеговина, каде што живеат босански муслимани (Бошњаци) и босански Хрвати. Секој дел има своја влада, парламент и полиција, но двата се поврзани со заеднички институции на државно ниво, вклучувајќи судство, армија, безбедносни служби и даночна администрација.