Продуцентите на серијата „The White Lotus“, во чија трета сезона требаше да игра Милош Биковиќ, го откажаа ангажманот на српскиот актер.
Биковиќ во оваа прилика се огласи на социјалната мрежа „Х“, наведувајќи дека против него се води таргетирана кампања која фрла сенка на суштината на уметничката слобода.
Портпаролот на HBO објави дека улогата што требаше да ја игра Биковиќ во серијата ќе му биде доделена на друг актер.
„Решивме да ја прекинеме соработката со Милош Биковиќ и улогата ќе му биде доделена на друг актер“, изјавил портпаролот на HBO, пренесува „Variety“.
Одлуката на HBO уследи по повикот на украинското Министерство за надворешни работи, кое на 24 јануари објави дека српскиот актер и руски државјанин „ја поддржува Русија од почетокот на инвазијата“. „Дали е во ред да се работи со лице кое поддржува геноцид и го прекршува меѓународното право“, беше прашан тогаш HBO.
На видеото што ја придружува објавата на украинската дипломатија на социјалната мрежа Х, се гледаше како Биковиќ го добива Орденот на честа од рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година, нарекувајќи го актерот „странски гласник на Кремљ“.
Биковиќ има руско државјанство од 2021 година. Покрај тоа што се нарекува себеси „активен член на руското општество“ и присуствувал на панел-дискусии организирани од владата, тој соработувал и со поддржувачи на инвазијата во руската забавна индустрија, како режисерот Никита Михалков. Според интервјуто што го дал за руското издание „Телеграф“ во 2019 година, му бил забранет влез во Украина, потсетува „Variety“.
Биковиќ е дециден дека против него се води „таргетирана кампања“.
„Пораснав во земја разурната од војна. Кога имав 11 години, поминував денови и ноќи во засолниште, додека мојата земја и мојот роден град беа бомбардирани. Никогаш никому не би посакал таков пустош. Секој ден има се повеќе конфликти низ целиот свет. Секој од нив е различен и секој еден од нив е страшен. Би сакал сите да престанат и да преовлада принципот на љубовта. Денеска против мене се води таргетирана кампања која преку надворешно влијание создава сериозен преседан, фрлајќи сенка врз суштината на уметничката слобода. Резултатот од таквиот наратив е триумфот на бесмислиците и поразот на уметноста.
„Чест ми е што сум избрана да бидам дел од The White Lotus, ТВ-серија која многу ја ценам и со колеги кои многу ги почитувам. Сепак, моето учество во неа не е можно од причини надвор од доменот на културата. Jaс нема да потклекнам на наративот кој го загрозува мојот интегритет. Сакам да им се заблагодарам на сите кои застанаа покрај мене, а на колегите им посакувам голем успех во новата сезона. И покрај се, сепак верувам дека уметноста лечи и може да го обедини човештвото. Затоа, моите убедувања и мојата посветеност на уметноста ќе останат непроменети“, се вели во реакцијата на Биковиќ.