Брзиот развој на вештачката интелигенција (AI) ги зголеми стравувањата дека милиони работни места ќе исчезнат ширум светот поради новата технологија. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) оваа недела соопшти дека вештачката интелигенција може да влијае на околу 40 отсто од работните места.
Бил Гејтс, пак, предвидува дека вештачката интелигенција ќе ни ги промени животите во следните пет години на позитивен начин и наведува дека историјата покажала дека со секоја нова технологија прво доаѓа стравот, а потоа новите можности.
„Како што беше во 1900 година, луѓето се прашуваа што ќе прават. И всушност, имаше отворање на многу нови категории работни места. Сега ни е многу подобро отколку кога сите се занимаваа само со земјоделство. ќе биде иста ситуација“, рече Гејтс за Си-Ен-Ен.
Предвидува дека вештачката интелигенција ќе им го олесни животот на сите, особено на лекарите кои ќе се ослободат од документацијата. Бидејќи нема потреба од „многу нов хардвер“, Гејтс рече дека ќе пристапиме до вештачката интелигенција преку мобилни телефони или компјутери со интернет конекција.
Тој наведува дека развојот на ChatGPT-4 на OpenAI бил драматичен, бидејќи во суштина може да чита и пишува. „Тоа е исто како да имаме „работници со бели јаки“ кои ќе бидат ментори, ќе даваат здравствени совети, ќе помагаат во пишувањето, ќе даваат техничка поддршка. Ќе биде фантастично кога ќе почнеме да ја користиме оваа технологија во образовниот или медицинскиот сектор“, верува Гејтс, пренесува Индекс.
Треба да се напомене дека Мајкрософт склучи партнерство од повеќе милијарди долари со OpenAI, а Гејтс сè уште е еден од најголемите акционери на Мајкрософт. Во својот извештај, ММФ имаше многу помалку оптимистички став и изјави дека вештачката интелигенција може да ја влоши нееднаквоста меѓу луѓето.
Богатството на Гејтс се проценува на 140 милијарди долари, што го прави четвртиот најбогат човек во светот. Да не се обврзеше да ги даде речиси сите свои пари, веројатно и понатаму ќе беше најбогатиот човек на планетата. Тој за Си-Ен-Ен изјави дека не е загрижен да го загуби своето богатство.
„Имам повеќе од доволно пари за моите потреби. Работам на тоа да излезам од тој список. Ќе бидам горд кога ќе излезам од списокот“, рече тој.
Ко-основачот на Мајкрософт и неговата поранешна сопруга Мелинда Френч Гејтс ветија дека ќе го донираат огромното мнозинство од своето богатство на фондацијата што ја основаа заедно пред 20 години, како и на други филантропски потфати. Во 2022 година, Гејтс објави дека фондацијата ќе започне да дава 9 милијарди долари годишно до 2026 година и дека очекува да ги распредели сите негови пари за околу 20 години.