Билтен на Транспарентност Македонија за јули и август: Луксузниот живот на премиерот и нерационално трошење на народните пари

од desk3
93 прегледи

 

Во новиот билтен на Транспарентност Македонија за месеците јули и август ќе може да прочитате за следново:

Transparentnost_Makedonija1
Луксузниот живот на премиерот – Бројните корупциски скандали поврзани со незаконско трошење на народните пари кои станаа нормален начин на практикување на власта од страна на владејачката гарнитура, поради зачестеноста, многу брзо се забораваат, се забошотуваат или се ставаат „под тепих”. Токму органите кои се надлежни да постапуват во ваквите случаи и да ги санкционират инволвираните лица во овие коруптивни афери се сосема неактивни и, особено ако се работи за високи функционери од актуелната власт замешани во скандалите, се трудат од петни жили или да ги оправдаат постапките на осомничените или никој во јавноста да не се сети дека тие имаат надлежност да постапуваат во овие случаи.
Непријавување на имотна состојба на функционери на власт – Од увидот во анкетните листови зa имотната состојба (онаа што е пријавена) на високите функционери од владејачката гарнитура, сe констатира дека тие располагаат со значителен недвижен и движен имот стекнат за време на извршувањe на функцијата, чија вредност eзначително повисока во однос на нивните регуларни примања. Покрај ова, очигледна е практиката имотот, особено недвижниот – станови, куќи, земјиште и сл. – да го препишат во сопственост на нивните родители, деца и други блиски лица од семејството, со цел да избегнат да дадат отчет за изворите на средства со кои е стекнат тој имот. Впрочем, и самиот Никола Груевски, според пријавата на неговиот имот, сѐ уште „не успеал да се стекне” со стан или куќа во лична сопственост.
Илустративен е примерот и на директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски кој во својот анкетен лист пријавил дека тој и неговото семејство располагат со значителен недвижен и подвижен имот, меѓу кој и куќа во Крушево којашто ја купил додека е на функција.

Ребаланс на буџетот на РМ и нови неповолни задолжувања – Кон крајот на август, Собранието на РМ го донесе Ребалансот на Буџетот на РМ за 2015 г. Ова беше очекуван ребаланс, бидејќи премиерот веќе неколку месеци наназад, на партиски собири, го прекројуваше Буџетот на државата согласно партиските потреби на ДПМНЕ, во пресрет на предвремените парламентарни избори. Предложениот ребаланс не е ништо друго освен правење терен за зголемени расходи и ново енормно задолжување наВладата и тоа, пред сѐ, од домашни извори.
Состојба со медиуми – Поминаа и јули и август од оваа година, без суштински напредок во најголемиот број истраги околу тешките кривични дела на насилство против новинари или уништување на имот во сопственост на новинари или други критичари на власта. За потсетување, од април 2015 г. до денес, се случија дваесетина физички напади врз новинари и неистомисленици со власта (од кои некои завршија со тешки физички повреди), а беа опожарени и десетина возила или беше уништен друг имот, како очигледен притисок врз инакумислечките од власта. Полицијата, во 90% од случаите, сѐ уште, наводно, трага по извршителите, а и таму каде се подигнати обвиненија против некој од сторителите на вакви кривични дела тоа е сторено, се добива впечаток, заради неможноста тоа да се избегне, со оглед на расположливите докази (видео снимки, сведоци и сл.) против тие лица.
Кој ќе ја финансира изградбата на панорамското тркало?– Градот Скопје започна и со изградбата на панорамското тркало на реката Вардар коешто, покрај галиите, жалните врби, распаднатите плажи, нефункционалните речни фонтани и палмите е уште еден нерационален проект на Градот за кој од парите на граѓаните ќе бидат потрошени најавените 18 милиони евра. Заради очигледно празната каса на Градот, се измисли нов систем на наплата на јавниот превоз во ЈСП – кој, формално, ќе ја финансира изградбата на Панорамското тркало – со утврдување на обврска за набавка на електронска карта за учениците, студентите и возрасните лица (пензионерите, кои до сега се возеа бесплатно), во износ од 200 денари, која ќе важeла од идната година, но треба да се купи сега.
Нерационално трошење на народните пари – Откако општина Центар е раководена од страна опозициски градоначалник, сите активности поврзани со проектот „Скопје 2014″ ги презеде Градот Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски многу послушно и сервилно ги исполнува желбите на премиерот Груевски, а интересите на граѓаните на Скопје ги става во втор план. Практично, последниве месеци сите позначајни проекти на Град Скопје се во застој, а од многу капитални проекти (како, на пример, изградбата на подземна сообраќајница на релација Влада-Комплекс банки) Градот Скопје дури и се откажа. Но, затоа пак, кај проектот „Скопје 2014″ нема застој ниту во 2015 година!
Преку овој билтен Транспарентност – Македонија продолжува да укажува и предупредува на неправилности и непочитување на процедурите и добрите практики во спроведувањето на јавните политики и трошењето на јавните пари во општеството.

Во продолжение ви го пренесуваме целосниот ДВОМЕСЕЧЕН БИЛТЕН ЗА ЈУЛИ И АВГУСТ 2015:

ЛУКСУЗНИОТ ЖИВОТ НА ПРЕМИЕРОТ

Бројните корупциски скандали поврзани со незаконско трошење на народните пари кои станаа нормален начин на практикување на власта од страна на владејачката гарнитура, поради зачестеноста, многу брзо се забораваат, се забошотуваат или се ставаат „под тепих“. Токму органите кои се надлежни да постапуват во ваквите случаи и да ги санкционират инволвираните лица во овие коруптивни афери се сосема неактивни и, особено ако се работи за високи функционери од актуелната власт замешани во скандалите, се трудат од петни жили или да ги оправдаат постапките на осомничените или никој во јавноста да не се сети дека тие имаат надлежност да постапуваат во овие случаи.
ТМ со години, во континуитет ги следи случаите каде постојат сериозни сомневања за корупција и злоупотреба на службената позиција на високи функционери од власта. Во месец јули јавноста дозна за семејниот летен одмор на премиерот Никола Груевски во едно ексклузивно летувалиште во Израел. Кабинетот на премиерот, наместо однапред да ја извести јавноста за времето и локацијата на одморањето на шефот на Владата – што е стандард во секоја демократска земја – беше принуден да ја признае оваа информација дури по нејзиното обелоденување во медиумите. Веста веднаш доби и димензии на скандал, бидејќи во јавноста се дозна за скапите очила за сонце Мајбах (Maybach) во сопственост на премиерот, кои чинат неверојатни 60.000 долари. Тоа повторно ја актуелизираше аферата за луксузниот мерцедес од 600.000 евра кој премиерот тајно си го набавил како свое службено возило, во кој се вози – како и во случајот со носењето на овие очила за сонце – само во странство, далеку од очите на сиромашните сограѓани и „неподобните“ локални новинари.

ТМ смета дека и овој случај говори за лицемерието и лажната слика што со години пропагандно се наметнува во јавноста за Груевски како скромен, „народен“ и чесен човек, наспроти секојдневниот луксуз во кој тој ужива, платен од парите на граѓаните. Оттука, ТМ бара одговор на следните прашања:

Може ли надлежната служба во Владата да ја информира јавноста кој го платил луксузниот годишен одмор на премиерот во Израел и, доколку за тоа се потрошени јавни пари, колку ја чини нацијата таквиот одмор на премиерот и неговото семејство?
Дали скапите очила Мајбах премиерот Груевски ги платил од сопствен џеб или се тие нечиј подарок за премиерот?
ТМ потсетува дека според чл. 34 од Законот за спречување на корупцијата (ЗСК), секој избран или именуван функционер е должен во рок од 30 дена да пријави зголемување на имотот (недвижен или движен) во вредност која надминува дваесет просечни нето плати во претходниот тримесечен период. Согласно чл. 36 од ЗСК, доколку функционерот во анкетниот лист дал невистинити или непотполни податоци, или не пријавил промена на имотот, се покренува постапка за испитување на потеклото на имотот. Од увидот во анкетниот лист на премиерот Груевски е видно дека тој не ги пријавил скапите очила Мејбах, чија претпоставена вредност од 60.000 долари за неколку пати го надминува пропишан износ во Законот за пријавување на зголемување на имотот.

ТМ ќе побара од идната Државна комисија за спречување на корупцијата за која се надеваме дека ќе работи независно, неселективно, професионално и согласно закон, да покрене постапка за утврдување на сите овие факти и врз таа основа евентуално да покрене постапка пред УЈП за испитување на потеклото на имотот на г. Груевски, поради можна повреда на чл. 34 од Законот за спречување на корупцијата – давање нецелосни податоци за имотот и непријавување на зголемување на имотот.

НЕПРИЈАВУВАЊЕ ИМОТНА СОСТОЈБА НА ФУНКЦИОНЕРИ НА ВЛАСТА

Од увидот во анкетните листови зa имотната состојба (онаа што е пријавена) на високите функционери од владејачката гарнитура, сe констатира дека тие располагаат со значителен недвижен и движен имот стекнат за време на извршувањe на функцијата, чија вредност e значително повисока во однос на нивните регуларни примања. Покрај ова, очигледна е практиката имотот, особено недвижниот – станови, куќи, земјиште и сл. – да го препишат во сопственост на нивните родители, деца и други блиски лица од семејството, со цел да избегнат да дадат отчет за изворите на средства со кои е стекнат тој имот. Впрочем, и самиот Никола Груевски, според пријавата на неговиот имот, сѐ уште „не успеал да се стекне“ со стан или куќа во лична сопственост.
Илустративен е примерот и на директорот на Управата за јавни приходи Горан Трајковски кој во својот анкетен лист пријавил дека тој и неговото семејство располагат со значителен недвижен и подвижен имот, меѓу кој и куќа во Крушево којашто ја купил додека е на функција. И Трајковски пријавил дека живее во куќата на своите родители, чија вредност изнесува 350.000,00 евра, а пријавил и значителен подвижен имот, како автомобили и моторцикли, но и благородни метали во износ од 10.000,00 евра, колекција на уметнички слики и склуптури од 27.000,00 евра, неколку заштеди, од кои дури 55.108,00 евра заштеда на девизна сметка на малолетни деца.

Во случајот на Трајковски, а согласно основните принципи на транспарентост и отчетност на јавните функционери, ТМ посочува дека тој треба да ја извести јавноста во врска со следните неколку прашања:

Дали е точно дека поседува луксузен стан во елитната населба Водно, непријавен во анкетниот имотен лист?
Дали е точно дека поседува и викенд куќа во Маврово?
Од какви регионални активности неговата сопруга годишно добива хонорар од 000,00-50.000,00 евра, ако се земе предвид дека таа предходно била вработена како службеник во УЈП, а сега како службеник во Комерцијална банка А.Д Скопје? Патем, во својот анкетен лист Горан Трајковски нема пријавено дека неовата сопруга поседува трансакциона сметка преку која прима плата.
ТМ ќе продолжи да ја следи имотната состојба на високите функционери од власта кои за време на вршење на функцијата успеале да се стекнат со значителен имот кој ги надминува нивните редовни примања и тогаш кога ќе им престане функцијата (меѓу кои и на Гордана Јанкуловска, Владимир Ѓорчев, Силвана Бонева, Антонио Милошоски, Фатмир Бесими и многу други за кои ТМ ја известуваше јавноста). ТМ ќе побара да се покрене постапка за испитување на потеклото на имотот на овие и други функционери, согласно чл. 36 од Законот за спречување на корупцијата.

ТМ ќе побара од идниот раководен состав на Управата за јавни приходи да покрене постапка за утврдување на изворите на средства на функционерите кои за време на вршење на функцијата се стекнале со значителен имот. Доколку нивните приходи не се соодветно пријавени и оданочени, ќе бараме да се покрене постапка пред Јавното обвинителство за утврдување на одговорност поради постоење на сериозно сомневање за сторено кривично дело-даночно затајување согласно чл. 279 од КЗ и кривично дело-прикривање на потеклото на несразмерно стекнат имот согласно чл. 359-а од КЗ.

ТМ ќе иницира покренување на постапка пред Јавното обвинителство за утврдување на одговорност на членовите на ДКСК од сегашниот и предходниот состав, согласно чл. 353 од КЗ за злоупотреба на службената положба и овластувања, поради неспроведување на анти-корупциската регулатива и непреземање на законски пропишаните мерки против високи функционери од власта кои го прекршиле Законот.

РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ НА РМ И НОВИ НЕПОВОЛНИ ЗАДОЛЖУВАЊА

Кон крајот на август, Собранието на РМ го донесе Ребалансот на Буџетот на РМ за 2015 г. Ова беше очекуван ребаланс, бидејќи премиерот веќе неколку месеци наназад, на партиски собири, го прекројуваше Буџетот на државата согласно партиските потреби на ДПМНЕ, во пресрет на предвремените парламентарни избори. Предложениот ребаланс не е ништо друго освен правење терен за зголемени расходи и ново енормно задолжување на Владата и тоа, пред сѐ, од домашни извори.
Ребалансираниот буџет ќе има поголеми приходи за 58 милиони евра и поголеми расходи за 85 милионие евра од првично планираните, односно, вкупните приходи ќе изнесуваат 2,71 милијарди евра, а вкупните расходи 3,04 милијарди евра, со што ќе се создаде буџетски дефицит од 327 милиони евра. Со ребалансот најмногу, за 34 милиони евра, ќе се зголеми буџетот на Министрството за труд и социјална политика, каде вкупниот буџет ќе достигне 589 милиони евра. Со ребалансот не се зајакнува развојната, туку социјалната компонента во државата.

Треба да се напомене дека и Буџетот на РМ за 2015 г., а и овој ребаланс, беа донесени во отсуство на опозицијата од Парламентот. Несфатливи и нелогични се објаснувањата кои во Собранието ги даваше министрот за финансии и потпретседател во Владата на РМ, Зоран Ставревски, кои ни одблиску не кореспондираат со реалната состојба во државата. Тој истакна дека остварувањето на Буџетот за 2015 г. во првите седум месеци биле подобри од очекувањата, а прибраните приходи биле повисоки од планираните, додека пак реализацијата на Буџетот на расходната страна се одвивал согласно предивиденото. Според образложението на министрот за финансии, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5 проценти, а Македонија ќе остане во зоната на ниско до умерена задолженост, со ниво на јавен долг од 43,7 проценти и ниво на државен долг од 36 проценти од БДП.

Но, во ребалансот проекцијата за растот на БДП изнесува 3,5 проценти и е за 0,5 проценти пониска од првично проектираната. Ова не кореспондира со изјавата на Ставревски дека „Ребалансот во суштина се прави заради повисоките приходи, а вишокот приходи треба да се преточи и кај расходната страна, за спроведување на политиките, мерките и активностите кои беа најавени“. Навистина е нејасно како има намалување на проекцијата на економскиот раст за 0,5 проценти, а во исто време се очекува и пораст на приходите. Одговорот е многу очевиден: зголемените буџетски трошења ќе се финансираат со нови задолжувања, а Буџетот ќе се стави во функција на најавените предвремени парламентарни избори.

Ова го покажува и актуелната политика на задолжување што ја спроведува Министерството за финансии. Она што го истакнувавме во извештаите на ТМ од изминатите месеци, сега зема многу посериозни димензии. Имено, во претходните извештаи потенциравме дека Владата започнува долгорочно да се задолжува и тоа за тековни расходи. Во месеците јули и август овој тренд е доста поизразен. Имено, од емисијата на државните записи и државните обврзници кои ги има емитувано Министерството за финании во овие два месеци, може да се види дека доминираат петнаесетгодишните и десетгодишните државни обврзници, а краткорочните државни записи речиси и да ги нема. Така, Министрството за финансии во месеците јули и август се задолжило вкупно за 1,96 милијарди денари, од кои: 791 милиони денари преку емитување на 15-годишни државни обврзници, 766 милиони денари преку емисија на 10-годишни државни обврзници, 45 милиони денари преку емисија на 2-годишни државни обврзници и 359,31 милиони денари преку емисија на 12-месечни државни записи. Односно, од вкупното задолжување, 79,4% се долгорочно задолжување (40,3% на 10 години и 39,1% на 15 години), 2,3% се задолжување на 2 години и 18,3% се задолжување на една година.

Овие бројки ги побиваат изјавите на министрот Ставревски дека Владата на РМ води стабилна буџетска политика и дека нема никакви потешкотии во финансирањето на буџетските расходи. Самиот факт што Владата и Министерството за финансии прибегнуваат кон долгорочно задолжување за тековни расходи (со ребалансот најголемо зголемување има кај Министерството за труд и социјална политика), покажува дека има потешкотии во финансирањето на буџетските расходи и дека оваа политичка гарнитура која во моментов владее со државата сака овој товар да го префрли на некоја друга, идна влада, после 10 или 15 години. Од друга страна, пак, Ребалансот на Буџетот укажува дека ваквиот тренд на задолжување ќе продолжи и во наредните месеци.

СОСТОЈБА СО МЕДИУМИ

Поминаа и јули и август од оваа година, без суштински напредок во најголемиот број истраги околу тешките кривични дела на насилство против новинари или уништување на имот во сопственост на новинари или други критичари на власта. За потсетување, од април 2015 г. до денес, се случија дваесетина физички напади врз новинари и неистомисленици со власта (од кои некои завршија со тешки физички повреди), а беа опожарени и десетина возила или беше уништен друг имот, како очигледен притисок врз инакумислечките од власта. Полицијата, во 90% од случаите, сѐ уште, наводно, трага по извршителите, а и таму каде се подигнати обвиненија против некој од сторителите на вакви кривични дела тоа е сторено, се добива впечаток, заради неможноста тоа да се избегне, со оглед на расположливите докази (видео снимки, сведоци и сл.) против тие лица.
Во ваква континуирана атмосфера на притисок и заплашување на критичките новинари и медиумите за кои работат, покренувањето на судски спор за наводни кривични дела стари десетина години против раководната структура на сопственикот на ТВ „Телма“, компанијата „Макпетрол“, мора да се гледа и во контекст на уредувачката политика на оваа национална телевизија кон политиките на власта: јасно е дека Груевски не може да издржи никаков професионален медиумски однос кој нема да ги глорификува неговите политики или кој нема да ги крие лошите последици по државата и граѓаните од таквите политики на власта. Одлуката на власта токму сега да ги активира кривичните пријави против „Макпетрол“ несомнено претставува и порака и закана до сопственикот, новинарите и уредувачкиот тим на ТВ „Телма“.

ТМ предупредува дека со внимание ги следи притисоците на власта во однос на малкуте преостанати независни медиуми во државата и за тоа ќе продолжи да ја алармира домашната и странската јавност. Со приближувањето на вонредните парламентарни избори идниот април повтроно се забележува зголемена нервоза кај власта во однос на слободната новинарска критичка мисла и независната уредувачка политика што се практикува кај некои медиуми. ТМ ги охрабрува новинарите и медиумите кои не подлегнуваат на валканата пропаганда или другите притисоци кои власта секојдневно ги спроведува против нив и го повикува Груевски веднаш да престане со ваквиот однос кон оние кои сакаат професионално и одговорно да ја извршуваат својата новинарска работа.

КОЈ ЌЕ ЈА ФИНАНСИРА ИЗГРАДБАТА НА ПАНОРАМСКОТО ТРКАЛО?

Градот Скопје започна и со изградбата на панорамското тркало на реката Вардар коешто, покрај галиите, жалните врби, распаднатите плажи, нефункционалните речни фонтани и палмите е уште еден нерационален проект на Градот за кој од парите на граѓаните ќе бидат потрошени најавените 18 милиони евра. Заради очигледно празната каса на Градот, се измисли нов систем на наплата на јавниот превоз во ЈСП – кој, формално, ќе ја финансира изградбата на Панорамското тркало – со утврдување на обврска за набавка на електронска карта за учениците, студентите и возрасните лица (пензионерите, кои до сега се возеа бесплатно), во износ од 200 денари, која ќе важeла од идната година, но треба да се купи сега.
ТМ предупредува дека, со оглед на безмисленоста на овој скап проект на Градот Скопје, важни и бројни категории на жители на главниот град ќе бидат изложени на нови трошоци во и онака мизерните социо-еконосмки услови во кои живеат граѓаните на Скопје. ТМ ја потсетува градската управа дека никогаш не е доцна да се откаже од бесмислени проекти, за доброто на своите граѓани.

НЕРАЦИОНАЛНО ТРОШЕЊЕ НА НАРОДНИТЕ ПАРИ

Откако општина Центар е раководена од страна опозициски градоначалник, сите активности поврзани со проектот „Скопје 2014“ ги презеде Градот Скопје. Градоначалникот Коце Трајановски многу послушно и сервилно ги исполнува желбите на премиерот Груевски, а интересите на граѓаните на Скопје ги става во втор план. Практично, последниве месеци сите позначајни проекти на Град Скопје се во застој, а од многу капитални проекти (како, на пример, изградбата на подземна сообраќајница на релација Влада-Комплекс банки) Градот Скопје дури и се откажа. Но, затоа пак, кај проектот „Скопје 2014“ нема застој ниту во 2015 година!
За доградба на објектот Градска куќа под Кале, Градот Скопје и градоначалникот Коце Трајаносвки ќе потрошат дополнителни 3.165.000 евра, за изведба на енергетски ефикасна барокна фасада. Првичната цена, кога започна изградбата на овој објект во 2011 г., беше 14,6 милиони евра. За парадоксот да биде поголем, самиот градоначалник пред неколку месеци тврдеше дека изградбата на Градска куќа е во застој поради финансиски проблеми, а сега ќе се потрошат дополнителни 3,165 милиони евра само за барокна фасада?! Патем, финалната цена за изведба на овој објект најверојатно ќе биде многу повисока од планираните 14,6 милиони евра.
Иако изградбата на објектот „Шпански скали“ на главниот скопски плоштад ќе ја спроведе фирмата „Амадеус груп“, а не Градот Скопје, мнозинството во Советот на Град Скопје, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во месец февруари 2015 г. донесе одлука за ослободување на инвеститорот „Амадеус груп“ од плаќање комуналии, во износ од 150 илјади евра, за барокна зграда на Плоштад Македонија. Сега, истата таа фирма се јавува како инветситор на изградбата на „Шпански скали“, што наликува на еден вид на државен рекет. Со кое право градоначалникот Трајановски и советниците од советничкото мнозинство во Советот на Град Скопје го ослободиле приватниот инвеститор од комуналии, кога тој не градел објект од јавен интерес?
И за Музејот на ВМРО ќе се потрошат дополнителни 611.276 евра. Според податоците од склучениот договор со компанијата „Дизајн фантази ДООЕЛ-Скопје“ (која била и единствениот учесник на тендерот), кој го објави Бирото за јавни набавки, овие средства ќе се искористат за набавка и изведба на работи за внатрешно уредување на конференциската сала. Треба да се напомене дека оваа сала, која е стара само четири години (колку што е стар и музејот) веќе еднаш била уредена и за неа се потрошени соодеветни средства. Дури и самиот директор на музејот, Бранислав Светозаревиќ, вели дека салата веќе еднаш била уредена, но дека сега ќе се врши ново уредување за да таа стане мултуфункционална.