Прекумерната бирократија ја чини Германија до 146 милијарди евра годишно загубено економско производство, според најновата студија објавена во четвртокот од Минхенскиот институт за економски истражувања ИФО.
Пресметките се базираат на таканаречениот индекс на бирократија, кој дава повеќедимензионална слика за административниот товар во различни земји, особено во областите релевантни за економијата и компаниите.
Инспирација за Германија, меѓу другото, е и Шведска, која има најнизок бирократски индекс од сите земји опфатени со истражувањето.
Големиот обем на трошоци предизвикани од бирократијата покажува дека на Германија и требаат итни реформи, коментира директорот на Центарот за индустриска организација и нови технологии ИФО, Оливер Фалк.
Според него, доколку Германија ја стигне Данска во однос на дигитализацијата на јавната администрација, нејзиното економско производство би се зголемило годишно за 96 милијарди евра.
Извршниот директор на Индустриската и трговската комора за Минхен и Горна Баварија, Манфред Гесл, посочи дека е неопходно да се воведе „итен мораториум“ на бирократијата, се наведува на веб-страницата на ИФО.
„Сите барања за верификација и документација, обврски за известување и статистички извештаи, сите постојани измени на законот, барањата за заштита на податоците и административните процедури кои одземаат многу време мора внимателно да се испитаат, значително да се поедностават и во некои случаи целосно да се укинат – и во Берлин и во Брисел. “, додаде Гесл.