Бирото за јавни набавки ја ограничи транспарентноста: Тајм.мк отсега без автоматски пристап до податоци

од Илинка Илиоска
111 прегледи

Основачот на Тајм.мк (http://time.mk) Игор Трајковски, синоќа на социјалната мрежа Х објави дека добиле известување од Бирото за јавни набавки (БЈН) дека на најпосетуваниот агрегатор на вести отсега понатаму нема да има автоматски пристап за преземање на податоците за јавни набавки.

„Поради спроведување на нови безбедносни мерки, не дозволуваат автоматски пристап за преземање на податоците за јавни набавки. Ни препорачаа рачно да преземаме .csv датотеки. И тоа не премногу често, за да не не блокирале“, напиша Трајковски на мрежата Х.

За основачот на Тајм.мк „ова е резултат на неспособност, незнаење и немање воља да се реши проблемот и наведува дека и од Бирото за јавни набаваки можат да направат отворен пристап каков што има до трезорот https://open.finance.gov.mk/mk/archive, но Трајковски заклучува дека за БЈН тоа не било прифатливо.

Ова е епилогот на барањето на Тајм.мк, како и досега транспаретно да бидат објавувани сите јавни набавки што ги прави Владата и другите државни институции кои се должни тоа да го прават преку Бирото за јавниу набавки и сето тоа да биде според законските обврски за транспарентност и за отворен пристап до податоците од јавен интерес.

Тајм.мк се соочи со проблеми во достапноста на податоците за јавните набавки од 30 јули оваа година, поради ограничувањата кои Бирото за јавни набавки ги воведе во однос на пристапот до својот сајт.

Трајковски информираше за оваа ситуација на 12 август, а вчера објави дека Бирото повеќе нема да дозволува автоматски пристап до овие податоци.

Оваа промена во функционирањето на Бирото за јавни набавки ја намалува отвореноста во следењето на трошењето на државните средства, што претставува уште еден чекор назад во транспарентноста на институциите и Владата.

Имено, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации, Владата падна од првото место со 100 проценти активна транспарентност минатата година на 40 место со 87 проценти, се вели во заклучоците од редовното годишно рангирање на институциите, кое се спроведува од 2016 година.

Слични содржини