Поранешниот новинар и пратеник Сафет Бишевац смета дека САД решија многу поактивно да се вклучат на Балканот, во решавањето на заостанатите проблеми, преку извршната наредба на претседателот Џо Бајден, која ќе вклучува санкции за сите оние што работат против Преспанскиот договор.
„Ова е само најава дека Американците поприлично ќе се вклучат во решавање на клучните проблеми. Со овој потег, играта ќе стане многу подинамична, ќе биде по стариот американски принцип – морков и стап, за послушните. За непослушните, најверојатно тоа ќе значи заминување во политичката историја. САД имаат цела палета на одговори и начини на убедување. Сепак, тоа не значи дека тие ќе забранат настапи, мислења, спротивставувања за Преспанскиот договор“, истакнува Бишевац како гостин во емисијата „Само вистина“.