Бислимоски: Нема да има никакви ценовни шокови кај електричната енергија за домаќинствата

од Илинка Илиоска
335 прегледи

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вечерва изјави дека нема да има ценовни шокови кај електричната енергија, односно дека просечната цена за домаќинствата нема да биде зголемена повеќе од еден процент.

– Нема да има никакви ценовни шокови, се ќе биде во рамките на одредени минимални промени. Водевме особено внимание да нема ценовни шокови. Она што ни беше многу важно е оние 15 проценти што ЕВН Хоме требаше да ги набави на слободниот пазар на електрична енергија, ги тргнавме како трошок. ЕВН Хоме ќе обезбедува енергија и на македонската берза каде во одредени периоди во текот на денот има доста поволни цени така што тие 15 проценти кои правеа сериозен притисок на цената на електричната енергија, сега нема да бидат вкалкулирани како трошок, изјави Бислимоски за централниот дневник на телевизија „Сител“.

Посочи дека во изминатиот период голем број мали потрошувачи одат на слободниот пазар на електрична енергија каде, како што рече, има поволни услови и цените се пониски од оние на универзаниот снабдувач.

Минатата недела, ЕВН Хоме како универзален снабдувач на електрична енергија соопшти дека е прифатена понудата од АД ЕСМ од 60 евра за мегават часови за покривање на 85 проценти од потребите, додека за останатите 15 проценти, не се прифатени пристигнати понуди на тендерот за периодот јули-декември поради тоа што понудените цени биле повисоки од моменталните пазарни цени. За овие 15 проценти беа пристигнат понуди од „Дуферцо“, ЕСМ Продажба и Соле24.

Слични содржини