Кризата во енергетскиот сектор со која се соочува цела Европа освен што на јавноста и го откри вистинското значење на енергетската независност, во исто време ги стави инвестициите во енергетиката во фокус на владите при креирање на буџетите истакна претседателот на Бордот на регулатори на Енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB) и претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги Марко Бислимоски на Енергетскиот самит што се одржува во Неум, Босна и Херцеговина.
„Ако одговор на пандемијата е вакцинацијата, тогаш единствен одговор на енергетска криза се инвестициите. Европа, но и Балканот се покажа како ранлив кога енергенсите се во прашање. Цените на берзите вртоглаво растеа и растат најпрвин на електричната енергија, природниот гас, а сега и на нафтените деривати и морам да кажам дека далеку сме од стабилизација. Сега се поставува прашањето кое ценовно ниво ќе го прогласиме за нормално. Убеден сум дека повеќе никогаш нема да се вратат претходните цени на енергенсите. Затоа мора инвестициите во енергетиката да се во прв план кога државите ги кројат буџетите. Дополнително стратегиите за енергетика мора да ги разработат и геополитичките аспекти кога енергетската независност е во прашање, а праведната транзиција да биде спроведувана одмерено и претпазливо. Ние сите сакаме да влеземе поенергично во процесот на декарбонизација што значи подобра животна средина, но се соочивме со апсурдна состојба да се враќаат во погон постројките на јаглен низ цела Европа затоа што недостасуваше енергија поради гео политички причини. Се враќаме на она дека најскапа енергија е онаа која ја нема. Сакам да потенцирам дека во овој процес мора да се помогнат ранливите категории. Ние како регулатор покренавме инцијатива и истата се реализираше – се прошири опфатот на лица кои добиваат финансиска помош за сметките за електрична енергија и парно. Претходно инициравме и да се намали стапката на ДДВ во сметките кои ги добиваат домаќинствата.“ истакна Бислимоски на панелот посветен на Пазарите на електрична енергија – предизвици и нова реалност.
Тој потенцираше дека треба паралелно да се работи и на инвестициите во енергетиката, но и рационално да се користат енергенсите.
Енергетскиот самит во Неум, Босна и Херцеговина е во организација на УСАИД, УНДП, ЕУ делегација на Босна и Херцеговина и ГИЗ. Клучни регионални и меѓународни експерти од енергетската област дебатираат за предизвиците на пазарот на електрична енергија и степенот на спроведување на реформи во време на енергетска криза како и состојбата со природниот гас и улогата на обновливите извори во време праведната транзиција .