„Бистро-матно“: Барометар на корупција за декември 2023

од Nikola Popovski
265 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ 2023 ГОДИНА

Долгата низа на наслови за матни настани содржи случаи на висока корупција. Најчесто овие случаи остануваат без епилог пред националните институции. На тој начин продолжува состојбата на неказнивост кога станува збор за високи функционери и корупција заснована на злоупотреби прикриени од политиката и високите ешалони на власта.

Дали овој тренд на неказнивост ќе продолжи во 2024 година?

ДКСК НА КРАЈОТ ОД МАНДАТОТ СО НОВИ СЛУЧАИ НА ВИСОКА КОРУПЦИЈА

НИКОЈ НЕ ГИ ПОВИКУВА НА ОДГОВОРНОСТ СУДИИТЕ КОИ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ТОА!

1. Судијата Ељведин Ферати од Основен Суд Тетово си ги поправал оценките на Тетовскиот Универзитет со пречкртување, утврди антикорупциска – Судијата Ељведин Ферати од Основниот суд Тетово, дипломиран во шестата генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, се пријавил на тогашниот оглас со оценка 8,20, а во дипломата за завршени студии по право на Тетовскиот универзитет имал просек 7,88.
2. Синот на Апелациониот судија Енвер Беџети со амин на министер за правда полагал правосуден испит без доволно стаж, па се запишал и завршил на академијата за судии и обвинители – Синот на апелациониот судија Енвер Беџети, кого Судскиот совет го спаси од разрешување, полагал правосуден испит без да има доволно работен стаж како правник. Станува збор за Јетмир Беџети, кој со таквиот правосуден испит потпишан во Министерството за правда, без проблем се запишал во седмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Потоа дипломирал. Уште неколку вакви случаи има и во осмата генерација на Академијата. Неодамна Јетмир Беџети е избран за обвинител во Основното јавно обвинителство на Тетово.

ВИСОКА КОРУПЦИЈА СО ЈАВНА НАБАВКА

3. Антикорупциска: Набавката на мазут од ЕСМ за потребите на ТЕЦ Неготино открива висока корупција, обвинителството да се зафати со случајот – ДКСК постапувајќи по сопствена иницијатива во врска со набавката на мазут за потребите на АД ТЕЦ Неготино извршена од страна на АД ЕСМ Скопје при што набавката тешка 212 милиони евра требало да ја изврши фирмата РКМ ДООЕЛ од Скопје утврди состојби од кои произлегуваат сомнежи за несовесно работење, искористување и злоупотреба на службената положба и овластувања од страна на службени лица од Министерството за економија, поранешен директор на ЕСМ и други службени лица од ЕСМ во својство на членови на комисија за спроведување набавка на мазут за потребите на ЕСМ / АД ТЕЦ Неготино.

НОВО ЛИЦЕ НА ЦРНАТА ЛИСТА, НАЦИОНАЛНИТЕ ИНСТИТУЦИИ МОЛЧАТ …

4. Кочо Анѓушев на црната листа на САД – Соединетите Американски Држави го ставија на својата црна листа бизнисменот и поранешен заменик-премиер Кочо Анѓушев, што практично значи дека нему му е забранет влез во САД. Забраната важи и за членовите на неговото семејство. „Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби службената положба во корист на неговите деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и јавни процеси“, пишува во соопштението на Стејт департментот.

ПОСЛЕДИЦИТЕ ОД ИЗМЕНИТЕ НА КЗ ПРОДОЛЖУВААТ – ЗАСТАРЕНИ СЛУЧАИТЕ НА ВИСОКА КОРУПЦИЈА, ЗА ЛИЦАТА КОИ СЕ НАЈДИРЕКТНО ОДГОВОРНИ ЗА СКОПЈЕ 2014. СЕ ГОНАТ САМО ИЗВРШИТЕЛИТЕ КОИ РАБОТЕЛЕ ПОНЕЧИЈ НАЛОГ.

ДАЛИ ОВАА ЛЕКЦИЈА ЌЕ БИДЕ НАУЧЕНА ОД ВРАБОТЕНИТЕ ВО АДМИНИСТРАЦИЈАТА?

5. Обвинение за „Скопје 2014“ без Груевски, Ставревски, Канческа, Тодоровиќ – Обвинителот Љубомир Лапе поднесе обвинение за случајот „Феникс“, кој се однесува на „Скопје 2014“. Но, во него ги нема првоосомничениот Никола Груевски, второосомничениот, поранешниот министер за финансии, Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа – Милевска, поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова. Со измените на Кривичен законик, на нив им застаре делото. Единствен од осомничените, кој сега е обвинет, е поранешниот претседател на Советот на општина Центар, Владимир Здравев“. Тој се гони за перење пари. Покрај него, одговорност се бара за уште четири физички лица и шест фирми.

6. Застаре и „Маѓар телеком“, кој се судеше 12 години – Случајот „Маѓар телеком“ по речиси 12 години судење, во Македонија доби судски епилог во прв степен. Но, додека да одлучат судиите во Апелациониот суд дали пресудата е правилна, пратениците ги изгласаа измените на Кривичниот законик. Со нив, меѓу другото, се намалија казните за кривични дела, па така и за „несовесно работење во службата“, за кое се водеше предметот во скопскиот кривичен суд. По повеќе од една декада правосудна „турнеја“, случајот нема да добие разрешница во Македонија. Разрешница нема да добие ниту отворената предистрага за македонските политичари во случајов.

ЌЕ ИМА ЛИ ПРОМЕНА ВО ОДНЕСУВАЊЕТО НА СУДСКИОТ СОВЕТ?

7. ЕУ достави 40 препораки до македонските власти за поправање на ситуацијата со Судскиот Совет, Евроамбасадорот Гир вели дека самата бројка укажува на длабоки проблеми – По две посети на Скопје, експерти на ЕУ изготвија извештај за состојбата со Судскиот совет и тој содржи 40 препораки за поправање на ситуацијата. Самата бројка на 40 препораки кажува дека има длабоки проблеми со функционирањето на Судскиот совет и со тоа што Судскиот совет е во самото срце на судството има влијание на функционирањето на целокупното судство, вели евроамбасадорот Дејвид Гир. „Судството се наоѓа во критична точка, потребна е итна акција за да се адресираат овие проблеми“, кажа Гир на брифинг со новинарите. „Овие проблеми не се од вчера, туку се акумулирани со тоа што не се соодветно адресирани навремено“, вели Гир.

ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ АЛАРМИРААТ!

8. На секој трети граѓанин му побарале мито: Корупцијата најголем проблем во Македонија – Корупцијата по втор пат е на врвот на проблемите во Македонското општество, но сепак и понатаму останува неказнива – алармираше Македонскиот центар за меѓународна соработка. Податоците до кои дошол Центарот во рамките на најновото истражување, говорат дека на секој трети граѓанин во државата му било побарано мито, а секој четврти дал. Според директорот на МЦМС, Александар Кржаловски овие бројки не одговараат на состојбата со справување со корупцијата, особено ако се знае дека во домашниот судски систем има 98 пресуди за злоупотреба на службена должност, а само четири за давање или примање поткуп.

КОЛКУ Е СКАПА ЦЕНАТА НА ЈАВНО ИСКАЖАНА КРИТИКА?

9. Обвинителката Ленче Ристоска била дискриминирана, утврди КСЗД – Јавната обвинителка Ленче Ристоска била дискриминирана од Советот на јавните обвинители, потврди Комисијата за заштита од дискриминација. Членовите утрврдиле дека Ристоска била дискримиирана на два огласи на кои обвинителката се пријави за избор во Вишото јавно обвинителство во Скопје. Ристоска во неколку наврати јавно ја критикуваше работата на Советот. Таа го впери прстот кон ова тело тврдејќи дека е извор на тргување со влијание. Поради овие јавно искажани ставови на Ристоска, Советот покрена постапка пред Етичкиот совет на јавните обвинители за да се увиди дали има усогласеност на ваквите нејзини изјави со принципите на Етичкиот кодекс, но оваа постапка се’ уште нема епилог.

ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ СЕ ПОДГОТВЕНИ ДА СПРОВЕДАТ АКТИВНА И ЕФЕКТИВНА КОНФИСКАЦИЈА!?

10. И Судскиот совет утврди пропусти во конфискацијата на „Трансмет“ – извештајот испратен во Обвинителството – И Судскиот Совет утврди пропусти во конфискацијата на Трансмет. Советот одлучи извештајот за судските постапки во неуспешната конфискација да го испрати во Обвинителството за да утврди дали има кривични дела во судските процеси. Иако државата требаше да заработи над 14 милиони со конфискацијата на Трансмет, имотот заработен со кривични дела се’ уште не е целосно обезбеден. Пропусти во конфискацијата на Трансмет има, бидејќи таа не е извршена, но формата како е напишан извештајот од работната група беше спорен за некои членови на Судскиот Совет. Пропустите во судските постапки за конфискација на „Трансмет“ во случајот „Труст“ придонеле дел од имотот, кој бил стекнат со кривични дела, да се продаде пред да го преземе државата, утврдено е од работната група на Советот.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ДЕКЕМВРИ 2023 ГОДИНА

КРИВИЧНА ПОСТАПКА ЗА УРИВАЊЕ НА ХОТЕЛОТ ШАР

1.Бившиот директор на ПУИГ и сегашниот и бившиот директор на скопскиот Конзерваторски центар за три милиони евра профит го урнале хотел „Шар“ во Стара Чаршија заштитен како културно наследство Поранешниот претседател на Одбор на директори во АД за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор Скопје (ПУИГ) Мујо Љ. е осомничен за дивјачко уништување на културно наследство во скопската Стара чаршија, заедно со уште 10 соучесници во злосторничко здружение. Обвинителството за нив ќе бара мерки притвор. Меѓу осомничените се и актуелниот и поранешниот директор на Конзерваторски центар Скопје, како и поранешниот директор на Управа за заштита на културно наследство и ексзаменик-генералниот директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Осомничени се за незаконско уривање на автентичниот објект хотел ,,Шар Ан“, кој како дел од скопската Стара чаршија со закон е прогласен за културно наследство. „Шар“ е првата јавна куќа во Скопје.

2.Фиктивно вработувале трудници, од Фондот исцицале072 евра, повеќемина уапсени во акцијата „Цицач“ во Прилеп – Под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, денеска од раните утрински часови Управата за финансиска полиција изврши претреси на повеќе локации во Прилеп и се приведуваат осомничени лица. Акцијата е резултат на повеќемесечна предистражна постапка, под кодно име „Цицач“, за кривични дела против службената положба, јавните финансии, платниот промет и стопанството што ја спроведе Управата за финансиска полиција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. „Управата за финансиска полиција, како резултат на повеќемесечна предистражна постапка под кодно име „Цицач” до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против повеќе физички и две правни лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија, со што е предизвикана штета на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија во износ од 35.551.472 денари“, информираат од Управата за финансиска полиција.

3.Врховен му ги забетонира деветте години затвор на Груевски Предметот „Плацови на Водно“ ја заврши правосудната траекторија. Врховниот суд, преку соопштение објави дека судиите му ја одбиле иницијативата на поранешниот премиер Никола Груевски, со која тој бараше до највисокиот суд да ја преиспита правосилната пресуда во случајот. Со неа беше осуден на 9-годишна затворска казна, а Сашо Мијалков доби условна казна затвор. Со оваа одлука се исцрпени сите правни механизми пред домашните судови и останува простор само за тужба пред судот во Стразбур.

ДРЖАВНИОТ ПАЗАРЕН ИНСПЕКТОРАТ СО ВИСОК РИЗИК ОД КОРУПЦИЈА

4. Инспектор примал поткуп – против него е поднесена кривична пријава – Инспектор од Државниот пазарен инспекторат примил поткуп од шест лица со цел да не изврши службени дејствија. Против него е поднесена кривична пријава за примање поткуп. Пријавениот, вработен во Државен пазарен инспекторат – инспектор во Одделение за инспекциски надзор Струмица во Гевгелија, Валандово и Радовиш, во периодот од јуни до ноември 2023 година, во шест наврати од шест лица примил вкупно 21.000 денари и 150 евра за да не изврши службени дејствија, соопшти МВР.

5. Вработен во „Национални шуми“-Подружница „Беласица“ во два наврати ја злоупотребил службената положба, заработи кривични пријави

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднесе две кривични пријави против вработен во Јавно претпријатие „Национални шуми“ подружница „Беласица“- Струмица. Како што информираа од МВР, во првиот случај тој се сомничи дека сторил кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 и „фалсификување исправа“ по член 378 став 1 од Кривичниот закон. Од приложената документација било утврдено дека осомничениот им овозможил да ги исечат и пренесат дрвата, но наведеното во испратницата не се совпаѓало со тоа што е затекнато на лице место. Поради наведеното и двајцата жители на село Банско се сомничат дека го сториле кривичното дело „употреба на исправа со невистинита содржина“ по член 380 став 1 од Кривичниот закон.

Слични содржини