„Бистро-матно“: Барометар на корупција за месец јануари

од Nikola Popovski
166 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈАНУАРИ 2024 ГОДИНА

Крајно време е институциите да профункционираат

1. Антикорупциска ќе ја дополни иницијативата за кривичното дело за „Трансмет“ – Државната комисија за спречување на корупцијата на седница донесе одлука да направи дополнување на иницијативата за кривично дело што ја достави во јули лани за случајот „Трансмет“. ДКСК, како што рече членот Шемси Салаи, се сомнева дека штетата за Буџетот на РСМ од неуспешната конфисакција на опремата на „Трансмет“ изнесува најмалку 26,5 милиони евра. „Фактите укажуваат на сомнежи на перење пари и други дејности од казниво дело, злоупотреба на јавен повик, несовесно работење, злоупотреба и искористување на службената положба и овластувања од страна на службени лица. ДКСК до ОЈО ќе достави анализа за склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д – Државната комисија за спречување на корупцијата на 99-та седница ја презентираше анализата на одлуките при носењето и склучувањето на договорот за градба на коридорите 8 и 10Д со Бехтел и Енка и донесе одлука таа да се достави до Основното јавно обвинителство за нивно понатамошно постапување. Анализата по нејзиното презентирање покажува дека постојат ризици од корупција, но дека засега нема ништо конкретно и дека надлежните институции треба да продолжат да го следат. ДКСК: Директорот на Агенцијата за филм упорно ги крие документите како се делеле државните пари за проекти – Бојан Лазаревски платил казна зашто не ги доставил бараните документи до Антикорупциска и пак не ги доставил. Директорот на Агенцијата за филм, за кого Комисијата бара и кривична одговорност одбива да ги предаде записниците во кои е наведено на кој начин се доделувале државни пари за проекти. Бидејќи не ги добиле потребните документи Антикорупционерите беа приморани да ја запрат иницијативата за утврдување судир на интереси кај рецезенти, финансиски советник и членови на Управниот одбор.

„Не е само она што го правиме, туку и она што не го правиме, за што одговараме“ – Молиер

Игри без граници кои ги загрозуваат судските предмети

2. Судскиот совет со пата-пата гласови не донесе одлука за делегирање на судијата Осман Шабани од Апелација во Кривичен – „Со среќа нека е на предметите „Талир 1“ и „Титаник 1“. Се надевам дека нема да се дозволи да застарат. Вака претседателката на Судскиот совет, со доза на револт го искоментира исходот од гласањето на итната седница за делегирање на судијата Осман Шабани во Апелацискиот суд Скопје во Основниот кривичен суд Скопје за да ја доврши работата по овие два високопрофилни судски предмети, на кои им се заканува застарување. „Судскиот совет на РСМ известува дека на 475. итна седница одржана на ден 25.01.2024 година расправаше за потребата од времено упатување на судијата Осман Шабани од Апелационен суд Скопје во Основен кривичен суд Скопје, а со оглед дека станува збор за предмети од јавен интерес, но поради немање потребно мнозинство со 6 гласа ’за’ и 6 гласа ’против’ не се донесе одлука за времено упатување на судијата Осман Шабани од Апелацискиот суд Скопје во Основен кривичен суд Скопје“. Унапредувањето ќе го потонеше случајот „Ласкарци“ – Судијката од Кривичниот суд, Александра Ристовска положи заклетва за апелационен судија, но изостави да им каже на Судскиот совет дека има пресуда за предметот Ласкарци на 25 јануари, во кој таа е втор судија. Доколку таа не е во судечкиот совет и составот се промени, тогаш предметот на самиот финиш ќе се врати од почеток. Претседателката на Судски совет, Весна Дамева свика итна седница, за да ја делегираат судијката Ристовска сега од Апелација во Кривичен се до пресудата. Дамева вели претседателот на Кривичен не ја известил кога е пресудата, а Ристовска на денешната заклетва не кажала дека може да се загрози предметот Ласкарци кој е од сензитивно значење, доколку таа премине во Апелација.

3. Собранието на Северна Македонија го поткопа судството во 2023, објави „Транспаренси Интернешнл“

На ранг листата за Индекстот за перцепција на корупцијата Република Северна Македонија со 42 индексни поени е рангирана на 76 место од 180 држави. Ова сè уште е далеку под 50 поени на индексот за да поминеме во групата на државите кои до некаде успешно се борат против корупцијата.

Во септември 2023 година, Собранието на Северна Македонија значително го поткопа судството, објави „Транспаренси Интернешнл“ во својот најнов извештај за перцепција за корупцијата во јавниот сектор во 2023 година. „Во нетранспарентна и брза постапка пратеници го изменија Кривичниот законик со намалување на затворските казни и го скратија рокот на застареност за злоупотреба на службената положба“, се вели во извештајот. Во него се нагласува дека ова „ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“. Индексот користи скала на бодови од нула, што означува многу корумпирана земја, до 100 или некорумпирана земја.

Невладините повикуваат на одговорност

4. Отворено писмо: Барање за целосно расветлување на насилниот инцидент во просториите на М-НАВ и заштита на сите оние кои со своето делување укажуваат или пријавуваат можни ризици од корупција – Платформата на граѓански организации против корупцијата бара институциите на системот, во целост да ги расветлат деталите околу насилниот инцидент во М-НАВ, кој се случи на ден 4 јануари 2024 година. Сметаме дека сите оние кои во своето работно опкружување, особено во јавниот сектор, се залагаат и делуваат против партиски вработувања, без разлика на националната припадност при вработувањата, треба да бидат заштитени. Каков било напад по оние што се одлучиле да застанат во заштита на законитоста при вработувањата, претставува сериозна закана по доброто управување, борбата против корупцијата и клиентелизмот, и ќе делува обесхрабрувачки за идни слични потенцијални иницијативи на работните колективи во јавниот сектор. Борбата против корупцијата е должност на сите, па затоа иницијативите кои доаѓаат од јавниот сектор треба да бидат заштитени и поттикнати.

Трендот на негативни извештаи продолжува, реакција од институциите…

5. Ревизорите во МО утврдиле системски слабости, слаба финансиска транспарентност и нецелосен попис – Државниот завод за ревизија ги објави конечните ревизорски извештаи на Министерството за одбрана, во кои се наведени клучните утврдени состојби и системски слабости. ДЗР во делот за клучни утврдени состојби наведува дека вредноста на постојаните средства и залихите на материјали во финансиските извештаи не е реална и објективна, пописот на средствата и обврските не е целосно извршен, дел од постапките за јавни набавки и реализацијата на дел од договорите не се вршат согласно законската регулатива, обврските кон добавувачите не се целосно прикажани во финансиските извештаи и оти работењето на Воено медицинскиот центар се финансира од сметката на Министерството.

Кој го контролира непотизмот, кронизмот и клиентелизмот при вработување?

6. Ексдиректорот на М-НАВ Миѓен Селмани протнат на викенд-оглас за да си остане таму на плата, овојпат како сметководител – Миѓен Селмани, поранешниот директор и член на Управниот одбор на М-НАВ, и покрај гаранцијата на министерот Благој Бочварски дадена пред Синдикатот на контролори на летање, сепак се вработил таму, и тоа на огласот што траеше само два дена во декември лани. За тој оглас ексдиректорот Фахрудин Хамиди тврдеше дека е грешка на Агенцијата за вработување. Селмани, како и многу други партиски кадри, е вдомен во М-НАВ сега како сметководител. На измислените и несуштински работни места за вдомување партиски кадри таму се земаат огромни плати. М-НАВ: Испливаа на површина и роднинските врски – Се шири мрежата на семејни врски на вработени во М-НАВ со актуелни и поранешни министри и политичари. Во М-НАВ се вработени сестрата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, снаата на вицепремиерот Артан Груби и внукот на министерот за земјоделие Љупчо Николовски, како и роднини на поранешни министри и пратеници, објави „Код“ на Телма. Меѓу вработените во М-НАВ има и роднини на други функционери и политичари. Меѓу вработените се и снаата и синот на поранешниот пратеник на ДУИ, Ејуп Алими, внукот на советникот на директорот во М-НАВ, Беким Незири, кој е еден од осомничените за упадот во контролата на летање, а извори на „Код“ тврдат дека е вработен и внук на заменик-министерот за внатрешни работи Назим Буши. Роднините на Николовски и на Незири се вработени како помошници контролори, а во оперативниот дел работи и сестрата на министерот Бујар Османи. Останатите роднини работат во администрацијата на М-НАВ.

Овие информации не се демантирани! Останува прашањето за легитимноста и законитоста на овие вработувања.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈАНУАРИ 2024 ГОДИНА

1. Петмина се осомничени за случајот „Онкологија“, тројца доктори онколози помагале во измамата – По 5 месеци предистрага, случајот „Онкологија“ преминува во истражна постапка. Станува збор за екс медицинскиот и поранешниот организациски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, како и тројца лекари – онколози. Официјално, имиња не беа споменати, но според периодот кога бил медицински директор и кога се сторени делата, првоосомничен е медицинскиот екс директор на Онкологија, Нино Васев. Тој, според информациите на Обвинителството, се товари за седум кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување и едно кривично дело измама во службата. Организацискиот директор, исто така, е осомничен за измама во службата. И тројцата лекари се осомничени за истото дело дело, но за помагање.

2. Синдикатот на полицијата поднесе кривична пријава против командирот на ПО Мирковци – СМП тврди дека станува збор за сомневања за злоупотреба на службена положба и овластување со цел на стекнување корист за себе и друг, а на штета на други (вработени). „Пријавениот раководител постапил надвор од границите на своето овластување и со непрофесионално дејствие и искористување на својата функција командирот постапил спротивно на членовите 7, 10 и 14 од Законот за внатрешни работи“, соопшти СМП.

3. Кривична пријава против директор на средно училиште за „злоупотреба на службената положба и овластување“ – Одделението за внатрешни работи Кочани, до Основно јавно обвинителство Кочани, поднесе кривична пријава против С.З.(35) од Кочани поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, во својство на вршител на должноста директор на средно општинско училиште во Кочани, во април 2023 година, спротивно на член 40 став 1 од Законот за јавни набавки, за патување на тим од училиштето на Светското првенство по роботика во Мароко, без да спроведе постапка за јавна набавка, ангажирал туристичката агенција и за услугите ѝ исплатил износ од 296.960 денари и на тој начин овозможил да оствари противправна имотна корист во износ од 296.960 денари.

4. Охриѓанец се обидел да поткупи полицајци, доби кривична пријава – ОВР Кичево поднесе кривична пријава против шеесетгодишен охриѓанец, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „давање поткуп”. „При сообраќајна контрола извршена на улицата „Магистрален пат” во Кичево, полициските службеници сопреле товарно возило „Мерцедес” со охридски регистарски ознаки, што пријавениот го управувал. Притоа, тој на полициските службеници, во сообраќајните документи им оставил пари со цел да не преземаат службени мерки против него“, информираат од МВР.

Слични содржини