„БИСТРО – МАТНО“: БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец Март 2023 година

од Vladimir Zorba
220 прегледи

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна и годишните анкети за корупција во рамки на проектот што го нарековме „Бистро-Матно“.

Проектот имаше голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со нејзе. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

=================================================================

МАТНИНАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАРТ 2023 година

ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатите на коридорите 8 и 10-д што ќе ги гради „Бехтел и Енка“

Меѓународниот конзорциум „ИРД инженеринг“ ќе биде консултант и надзор за автопатите на коридорите 8 и 10д што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Понудата на „ИРД инженеринг“ е во износ од 1.374.304 070 денари (22,35 милиони евра). Неколку партнерски фирми во конзорциумот имаат претходна историја со неетичко и неодговорно постапување во својата работа.

Судир на интереси на Агенцијата за филм при распределба на средствата за ланскиот конкурс, констатира „Транспаренси Интернешнл -Македонија“

Поради необјективното и пристрасно работење на Агенцијата за филм во ланскиот конкурс за финансирање на краткометражни и долгометражни филмови, „Транспаренси Интернешнл – Македонија“им препорача на Владата и на ресорното министерство да побараат од Агенцијата да го повтори конкурсот за 2022 година откако ќе обезбеди целосна непристрасност и објективност кај сите учесници. На Владата дополнително ѝ се препорачува да ги преиспита одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземе соодветни мерки

Застарување на судски предмети

Кривичниот суд ја укина пресудата против Драган Даравелски поради настапување на апсолутна застареност. Даравелски баран со потерница 20-ина години, се појави на граница во јануари, кога беше уапсен. Но, веќе се знаеше дека кривичното дело му е застарено. Tој го оштетил државниот буџет за 2,5 милиони евра во периодот од 1999 до 2002 година. Сега нема да мора да ги врати ни парите.

За Сашо Мијалков, според информациите од обвинителството, делото „Примање награда за противзаконито влијаниеза предметот „Титаник 2„ застарува на 7-ми април Овие предмети не успејаа да добијат правна разрешница, преку извршување на санкцијата и правосилно завршување на постапката.

Тројцата ексдиректори од случајот „Mаѓар телеком“ осудени во отсуство на по 8 години затвор

По 8 години затвор во Основниот кривичен суд, во отсуство, добија тројцата поранешни директор на „Македонски телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус. Случајот “Маѓар Телеком” во македонските правосудни органи трае уште од 2011 година. Станува збор за случај во кој поранешните директори на „Телеком“, Атила Сендреи, Ролф Плат и Золтан Кишјакус, се товарат дека склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарската консултантска куќа „Чаптекс холдингс лимитид“ и на тој начин го оштетиле „Македонски телеком“ за речиси 4 милиони евра, а буџетот на државата за околу 2 милиони евра, бидејќи Владата во „Телеком“ во тој период поседуваше 47 отсто од акциите.

Случајот после 12 години неактивност на судот, се пресуди со првостепена судска одлука, без да се води постапката за актерите од Република Македонија

БИСТРИНАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАРТ 2023 година

Обвинителство отвори предмет за надзорот на автопатите на „Бехтел и Енка“

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) по допрен глас отвори предмет за надзорот на изградбата на автопатите, кои се дел од коридорите 8 и 10-д.

„Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе јавнообвинителска одлука за понатамошниот тек на постапката“

Службеничка во Општина Кавадарци одбила поткуп од 500 евра

Двајца скопјани добија кривична пријава откако се обиделе да поткупат службеничка од Општина Кавадарци со 500 евра со цел да не изврши службено дејствие кое морала да го изврши – надзор врз градежни работи“, соопштено е од полицијата.

 

Слични содржини