Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на отворање на годишната конференција на Министерството за локална самоуправа и УНДП, за децентрализација и локално управување, која годинава е на тема „Локална самоуправа – време за можности и ревизија”.
„Имаме целосно разбирање за ставот на општините да прифатат нови надлежности, но под услов да се оствари висок степен на автономија во нивното спроведување. Токму затоа сметаме дека фокусот на децентрализацијата на краток рок треба да биде ставен на зајакнување на општините преку подобрување на рамката за финансирање и зголемување на нивните надлежности, овозможувајќи висок степен на автономија, без притоа тој никако да не биде на штета на граѓаните, туку во нивна полза, овозможувајќи исполнување на нивните основни права и не создавајќи потешкотии во нивниот секојдневен живот. Туку, напротив, олеснувајќи им го животот на граѓаните, бидејќи општините, како и сите други јавни институции се сервис на и за граѓаните. Цврсто верувам дека само системскиот пристап носи одржливи решенија, а таков е и пристапот кој го имаме кон унапредување на системот на локалната самоуправа“, изјави Битиќи.
Нагласи и дека е задржан трендот на зголемување на вкупните приходи на општините. Од 30.1 милијарда денари во 2015 година, вкупните приходи на општините се зголемени на близу 40 милијарди денари во 2021 година. Сопствените приходи се зголемени од 12.3 милијарди денари во 2015 година на близу 17 милијарди денари во 2021 година.
„Остануваме посветени на одржување на овој позитивен тренд и во наредниот период со цел да резултираат со суштински позитивни промени во функционирањето на општините со цел тие да се ослободат од наталожени долгови и да испорачуваат квалитетни услуги на граѓаните. Покрај зголемувањето на фискалните трансфери кон општините, Владата е посветена и на изнаоѓање на дополнителни средства за капитални инвестиции. Како неодамнешното потпишување на договорот со Европската инвестициска банка, за заем од 50 милиони евра наменети за водоводна инфраструктура и третман на отпадни води во општините. На овој начин ќе се обезбеди инфраструктура која е значајна за подобрување на животот на граѓаните на сите општини во државата“, додаде тој.