Официјалната делегација на Владата на Република Северна Македонија, предводена од заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, која е во дводневна посета на Обединетите Арапски Емирати, по вчерашното одбележување на Националниот ден во рамките на Експо Дубаи 2020, денес, во утринските часови, учествуваше на бизнис конференција која се одржа на самото Експо, а на која беа презентирани можностите за инвестирање во нашата земја.
Бизнис конференцијата е поделена на два панела, а на првиот панел свои обраќања имаа вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Фестим Халили и директорот на Агенцијата за промоција и подршка на туризмот Љупчо Јаневски, кои секој во својот дел извршија презентација на можностите за инвестирање и водење на бизнис во нашата земја.
Вицепремиерот Битиќи ја отвори бизнис конференцијата со порака дека Владата во бизнис секторот и во инвеститорите гледа партнери за поддршка на развојот на економијата. Преку отворен и континуиран дијалог со бизнис заедницата во изминатите неколку години изградени се цврсти и чесни јавно-приватни партнерски односи кои носат резултати.
„Пред неколку години ги избришавме разликите за државна поддршка кои постоеја помеѓу домашните и странските компании; сите компании кои работат во Северна Македонија се наши и ги имаат истите услови и можности за добивање поддршка од државата. Аплицирањето за и добивањето на државна помош е процес кој е целосно отворен и транспарентен. Секоја компанија, секоја засегната страна е свесна уште на почетокот за поддршката што може да ја очекуваат кога инвестираат. Ова создава предвидливост и стабилност за работење во нашата држава и најважно, создава добра бизнис клима за инвеститорите со што ги бришеме границите и ја ставаме Северна Македонија на картата на држави со најпривлечна средина за инвеститорите”, потенцира вицепремиерот Битиќи.
„Со концептот на воспоставување на Технолошките индустриски развојни зони привлековме повеќе од 35 мултинационални производствени компании со глобално влијание. Главната предност на слободните економски зони е комбинацијата од фискалните бенефиции и поддршка во готовина, иако сличен пакет за поддршка нудиме и надвор од зоните со што сме многу конкурентни на регионалниот пазар. Врз основа на нашиот Закон за контрола на државната помош и Законот за финансиска поддршка на инвестициите, ние ги поддржуваме компаниите во производствениот сектор и секторот за информатичка технологија со различни мерки кои заеднички може да достигнат до максимум 50% од вкупните трошоци за инвестицијата за минимален период од пет години по инвестирањето. Освен тоа, ние сме фокусирани на преобликување на нашата економија преку носење подобро платени работни места и производство на производи со поголема додадена вредност, со поддржување на 50% од вкупниот трошок за инвестиција за центрите за истражување и развој на компанијата покрај оние 50% во нивната општа инвестиција во производствената линија, што значи дека 50% од вкупната инвестиција се рефундира од Владата. Пакетите за поддршка вклучуваат и 10 годишно ослободување од данок на добивка и персонален данок на добивка. На страната на грантови за готовина, нудиме 20% рефундирање на капиталните инвестиции, како и грант за секое создадено работно место”, вицепремиерот ги презентираше мерките за поддршка на инвестиции во производството во рамките на ТИР зоните и надвор од нив, при што додаде дека Владата прави напор, мерките и процесот на добивање на државна помош да бидат уште потранспарентни, поедноставени и поефикасни и токму затоа во тек е креирање на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелегенција за државна помош.
Осврнувајќи се на очекувањата на Владата за пост-ковид периодот, вицепремиерот Битиќи посочи дека треба да се искористат научените лекции од кризниот период и Република Северна Македонија, како и целиот регион на Западен Балкан да се фокусираат на процесот на „near shoring”.
„Државите во Југоисточна Европа, особено шесторката од Западен Балкан треба да работат кон тоа да го доведат синџирот на добавувачи блиску до границите на Европската Унија. Бидејќи далечните пазари за снабдување се докажаа дека не се одржливи, треба да гледаме кон регионална конкурентност, а не кон создавање на регионална конкуренција, со цел да создадеме пазар што ќе компензира за и ќе ја подобри додадената вредност поради близината на синџирите на добавувачи”, нагласи Битиќи и ги истакна предностите на нашата земја и регионот за привлекување на нови инвестиции, кои се однесуваат на добрата географска локација и близината до европските пазари, но и усогласеноста на Царинскиот тарифник со тој на ЕУ и стандардите кои се применуваат, а кои се блиски до стандардите на земјите членки.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, посочи дека Владата истапува кон својата соодветна улога како вклучен и активен учесник за поттикнување на економската продуктивност, просперитет и раст, додека истовремено ја чува и унапредува нашата природна околина.
„Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија ќе ги остави плановите за Владата да биде одговорна и да ѝ даде глас на животната средина. А нашата работа ќе биде поткрепена со широка палета на регулативи поврзани со животната средина. Дозволете ми да започнам со јасна подтврда дека климатската криза ја гледаме како можност за раст и развој на земјата, што мора да оди паралелно со закрепнувањето од КОВИД 19″, рече министерот Нуредини и продолжи „ Како сопствен придонес кон глобалните и регионални цели за справувањето со емисијата на стакленички гасови, Владата на Република Северна Македонија по предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање ја усвои следнава цел: во 2030, 51% намалување на емисии на стакленички гасови, во споредба со нивоата од 1990 година”.
Долгорочната визија на Република Северна Македонија е, додаде Нуредини, до 2050 година, да дојде до просперитетна економија со ниски емисии на јаглерод, која ќе следи одржливи развојни насоки отпорни на климатските промени, подобрување на конкурентноста и промовирање социјална кохезија преку дејства за борба со климатските промени и нивните ефекти.
„Климатските промени во голем дел се всушност предизвик за создавање на чиста енергија и затоа нашата амбиција е поделена по сектори и изнесува 66% намалување на штетни емисии во енергетскиот сектор. Ова може да се постигне главно преку затворање на термо-електраните во Осломеј и во Битола. Од друга страна, инвестираме во обновливи енергетски извори – соларна и ветерна енергија, со цел да привлечеме приватни инвестиции. Работиме на реализација на голем проект за хидроцентрали; имено, Чебрен треба да произведува до 333-458 мегавати (инвестиција од 600 милиони ЕУР), а истовремено, инвестираме во гасификацијата на нашата држава, како преодно решение за поскоро ослободување од јагленот. Планирана е конверзија кон гас во Битола (200 мегавати, 100 милиони ЕУР) и во Неготино (600 мегавати, 300 милиони ЕУР), изградба на гасен интерконектор со Грција и разгледување на можности за користење на водород како енергенс. Вкупната процена на инвестициите во енергетскиот сектор во Интервентниот план за инвестиции е 2 милијарди 644 милиони евра”, подвлече министерот за животна средина и просторно планирање Нуредини.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Фестим Халили, го претстави Фондот како водечка владина институција за поддршка на микро, мали и средни иновативни компании, а главните приоритети се кон подобрување на пристап до финансиска поддршка за иновации, технолошки развој, промовирање и поттикнување на иновациската дејност во Северна Македонија.
„Во моментов, ФИТР преку своите финансиски инструменти, има поддржано над 702 проекти кои се со вкупна вредност на инвестиција од над 87 милиони евра при што поддршката на ФИТР изнесува 50 милиони евра додека компаниите учествуваат со 37 милиони евра. Од портфолиото на ФИТР дури 56%, односно 392 поддржани компании се стартап компании, претежно основани од млади луѓе” кажа Халили и најави дека следен предизвик за Фондот е отворање на првиот хибриден инвестициски фонд од 27 милиони евра во кој државата ќе инвестира 10 милиони евра.
Последен на Владиниот панел зборуваше директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, којшто ги претстави потенцијалите за туризам на Северна Македонија.
„Република Северна Македонија, иако по површина е мала земја, има многу природни убави, историски и археолошки пронаоѓалишта, наследство на УНЕСКО, највкусна храна и вино и најгостопримлив народ. Имаме 43 езера од кои 3 се тектонски: Охридско, Преспанско и Дојранско, 4 национални паркови (Маврово, Пелистер, Галичица и Шар Планина), 15 планини повисоки од 2.000 метри (највисокиот врв е Голем Кораб со висина од 2.764 метри), 3 водопади повисоки од 100 метри и Мегалитска опсерваторија Кокино (од 1800 година п.н.е.) признаена од НАСА”, рече Јаневски и нагласи дека за потенцијалните инвеститори постојат неколку туристички развојни зони кои се достапни за градење хотели, ресторани и кампови. Во ваквите зони за странските инвеститори има бројни поволности: намалено ДДВ од 18% на 5%, нула ДДВ на градежни материјали и градежни услуги. Персоналниот данок за првите десет години е 0%.
Во вториот дел од Бизнис конференцијата, пред присутните бизнисмени од Обединетите Арапски Емирати и од другите земји кои изложуваат на Експо Дубаи 2020, презентација на своето работење имаа и претставниците на четирите најголеми стопански комори: Виктор Мизо (потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија), Трајан Ангелоски (претседател на Сојузот на стопански комори), Неби Хоџа (претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија) и Анета Антова Пешева (претседателка на МАСИТ).