Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, денес го прими амбасадорот на Република Албанија во Република Северна Македонија, Н.Е. Фатос Река, со кога разговараа за политичката и економската соработка помеѓу двете земји, но и за заедничкиот придонес на двете соседни земји за регионалната соработка и економски развој.
Битиќи нагласи дека Северна Македонија и Албанија се пример за добра соработка помеѓу земјите од регионот и посочи дека се лидери во процесите коишто значат унапредување на условите за водење на бизнис за компаниите, кои се спроведуваат преку паралелните процеси „Отворен Балкан” и „Берлински процес”, а чијашто основа е подигнување на конкурентноста на секоја од земјите и на целиот регион на Западен Балкан и овозможување на полесни услови за целосна интеграција на регионот во Европската Унија.
Зборувајќи за билатералната економска соработка, вицепремиерот и амбасадорот ги поздравија стапките на раст и обемот на трговската размена, извозот и увозот, кои во 2021 година беа на рекордно ниво, а сепак се согласија дека постои многу поголем потенцијал за унапредување на соработката во повеќе економски гранки, како и можности за реализација на инвестиции на компании од Албанија во нашата земја и обратно, со кои дополнително би се раздвижила трговската размена.
Битиќи потенцираше дека Северна Македонија забрзано работи на имплементација на повеќе инфраструктурни капитални проекти со кои ќе се овозоможи подобра патна, железничка и енергетска поврзаност со Република Албанија, што е уште една добра основа за унапредување на економската соработка помеѓу двете земји.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Река на маргините на состанокот изразија подготвеност и отвореност да ги продолжат и интензивираат меѓусебните контакти за унапредување на економската соработка и создавање на уште поцврсти односи помеѓу двете пријателски земји.