Битиќи: За првпат формираме централна единица за поефикасна и поефективна реализација на капиталните инфраструктурни проекти

од Vladimir Zorba
290 прегледи

„Оваа Влада има јасна долгорочна определба, а тоа е рамномерен економски развој. Преку проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти“ изготвени се 58 квалитетни технички документации за проекти во 47 општини и два регионални центра“, изјави денеска заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, на настан „Тркалезна маса за финансирање инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување”, кој се одржува во рамките на проектот „Градење на општинските капацитети за имплементација на проекти” (BMCPI), финансиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (SIDA), кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите Нации (UNDP) во партнерство со Министерството за локална самоуправа.

Сите овие 58 проекти се подготвени за реализација, што е клучно, а за нивно финансирање и реализација, според техничката документација потребни се околу 126 милиони долари a ќе овозможат финансирање на инфраструктурни инвестиции за одржлив локален развој и економско закрепнување.

Истите, според него, ќе донесат поквалитетен, побезбеден и поудобен живот на нашите граѓани.

„Додадена вредност е тоа што преку спроведувањето на овој проект, се зајакнаа капацитетите на локалните самоуправи, поефикасно и потаргетирано да ги утврдуваат потребите на локално ниво, препознавајќи ги реалните потреби на граѓаните. Токму затоа го подигаме нивото на имплементација на сите капитални проекти, независно дали станува збор за проекти финансирани од централната или од локалните власти и во таа насока формираме, за првпат, централна единица за мониторинг и спроведување на капиталните проекти, која ќе гарантира повисоко ниво на ефикасност и ефективност во реализација на сите овие проекти, затоа што за секој граѓанин е најважно да добие услови за живот во местото кое живее“, истакна Вицепремиерот.