Битиќи: Конкурентноста и иновациите играат клучна улога за просперитетот на државата

од Radmila Tasevska
239 прегледи

Неодамна објавените демографски проекции за движењето на населението во наредните 50 години од страна на Државниот завод за статистика укажуваат на тренд на намалување на населението и негово интензивно стареење, состојба на која доколку веднаш не пристапиме институционално и стратешки да ја менуваме, тешко ќе можеме да очекуваме нејзино позитивно корегирање. Конкурентноста и иновациите играат клучна улога во давањето на позитивен одговор на овие демографски процеси, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во неговото обраќање на состанокот на Секторската работна група за иновативност и конкурентност.

Битиќи нагласи дека со поттикнување на динамично и иновативно деловно опкружување, може да се ублажи влијанието на демографските промени врз економскиот развој, притоа за остварување на оваа цел, потребен е стратешки пристап.

Како што соопшти владината прес-служба, тој кажа дека Владата ги има изработено трите стратегии, Националната развојна стратегија 2024-2044, Стратегијата за Паметна специјализација и Стратегијата за унапредување на извозот на Северна Македонија за 2024-2027.

-Овие документи веднаш треба да ги прифатиме и институционално да ги интегрираме во националните политики, затоа што тие претставуваат клуч за севкупниот, вклучително и економски, просперитет на државата. Секоја државна институција, како и граѓанскиот сектор, треба да ги прифати како основен ориентир или рамка на сите свои политики кои ги креира и спроведува согласно надлежностите, рече Битиќи.

Според него, дел од одговорот на овие предизвици и поставувањето на одржливи основи на развојот на општеството, се содржани во Националната развојна стратегија, сеопфатна дваесетгодишна рамка поделена на шест стратешки области.

-Од поттикнување одржлива, иновативна и конкурентна економија до обезбедување кохезивен локален и регионален развој, демографска ревитализација и социјално-културен напредок, нашата заедничка мисија е да изградиме флексибилно општество засновано на принципите на владеење на правото и добро владеење. Дополнително, стратешки ја опфаќаме и посветеноста за зелени трансформации, трасирајќи ја патеката кон чиста, здрава и енергетски одржлива иднина, рече вицепремиерот Битиќи во обраќањето пред членовите на Секторската работна група за иновативност и конкурентност.

Зборувајќи за Стратегијата за Паметната специјализација, тој нагласи дека со неа Владата направи уште еден значаен исчекор во делот на создавањето на можности за развој на иновативноста и конкурентните предности на економијата.

Слични содржини