Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во Американскиот Стејт Департмент во Вашингтон, оствари со средба со Џефри Пајат, помошник државен секретар за енергетски ресурси.
На средбата вицепремиерот Битиќи изрази благодарност за економската поддршка која Северна Македонија во континуитет ја добива од САД, пришто го информираше американскиот помошник државен секретар за активностите на Северна Македонија во делот на изградбата на гасниот терминал Александруполи, кој на среден рок ќе гарантира диверзификација на изворите за снабдување со гас.
Вицепремиерот Битиќи рече дека Северна Македонија е од ретките земји во светот која до пред една година беше 100% зависна од гасот од Русија. На крајот на 2022 година е отворен патот за други добавувачи преку зголемување на капацитетот на интерконекторот со Бугарија, а токму проектот за интерконекторот со Грција и гасното поврзување со Александруполи ќе ја направи земјава независна од руската енергија.
Вицепремиерот Битиќи подвлече дека покрај енергетската криза што ја зафати нашата земја, но и целиот свет, Владата остана на заложбата да инвестира во развојот на енергетскиот сектор и да обезбеди одржлива енергетска транзиција, со што ќе се намалат и емисиите на стакленички гасови.
Пајaт од негова страна го реафирмираше стратешкото партнерство на САД со Република Северна Македонија, пришто рече дека одличните политички релации меѓу двете земји, поттикнуваат и попродлабочена економска соработка.
На средбата стана збор и за потребата за замена на јагленот со обновливи извори, пришто заедничка констатација беше дека Северна Македонија треба да го следи примерот на САД каде електричната енергија произведена од обновливи извори во 2022 година, го надмина производството на електрична енергија од јаглен.
Во оваа прилика вицепремиерот Битиќи посочи на усогласувањето на енергетските политики на Владата која преку современите енергетски технологии и мобилизирање на финансии, го отвора патот за одржлива и просперитетна енергетска иднина која ги ублажува климатските промени, ја подобрува енергетската безбедност и го поттикнува економскиот раст.
Тој додаде дека изградбата на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен”, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра, предвидува капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330 MW.