Битиќи стравува од „Франкенштајн економија“ и тврди дека јавниот долг ќе стане „чудовишен“

од Nikola Popovski
58 прегледи

Екс-вицепремиерот за економски прашања и актуелен пратеник, Фатмир Битиќи тврди дека со најавениот ребаланс на Буџетот, јавниот долг ќе стане „чудовишен“ сам по себе. Во своето обраќање, на денешната седница на Комисијата за финансирање и буџет, Битиќи посочи дека во проектираниот раст на долгот не може да се препознаат парите од задолжувањето, кое, како што рече пратеникот на СДСМ, „пријателски премиерот ни го договори идните генерации да го отплаќаат кон Унгарија“. Тој предупреди дека јавниот долг ќе се зголеми далеку од проектираните 68% од БДП.

-Со нарушување на буџетското правило за дефицитот и неговото зголемување од 3,4% на 4,9% од БДП и зголемувањето на јавниот долг од 58% на 68%, во најава е Франкенштајн економија, во која различни и често контрадикторни економски политики преку ребалансот се соединуваат во една нефункционална и разорна целина, истакна Битиќи.

Во своето обраќање Битиќи предупреди дека ќе се отворат процеси кои сериозно ќе ја оттргнат економијата од стабилност и одржливост, кон што претходно беше насочена и тоа во услови на најголеми економски и енергетски потешкотии.

-Овој чудовишен јавен долг ќе отиде и далеку над 68% доколку до крајот на годината. И додека сум кај јавниот долг, да укажам и зошто министерката за финансии и премиерот имаа потреба од лажните политички сензационализми со квалификациите на работењето на владата предводена од СДСМ како „економија во клиничка смрт“, по се’ изгледа од ВМРО ДПМНЕ увиделе дека ако годинава ја „вметнат“ цела милијарда евра од унгарскиот заем, јавниот долг најверојатно ќе скокне до таван, односно ќе биде скоро 75% – па затоа „одлучиле“ тоа да го направат со 500 милиони евра годинава, па 500 милиони евра пред локалните избори, рече Битиќи во своето обраќање.

Во законодавниот дом во Комисијата за финансирање и буџет почнува расправата за ребаланс на буџетот. Од вкупно 5,8 милијарди евра, колку што планира да потроши државата – за плати и надоместоци се планирани 723 милиони евра.

За 15,5 милиони евра се зголемени трансферите кон општините. За 130 милиони евра се зголемува ставката за субвенции, а најголемо зголемување за дополнителни 83 милиони евра е за линеарното зголемување на пензиите.

Расправата по ребалансот во комисијата трае 5 дена, а потоа на пленарна седница пратениците за државната каса ќе дебатираат два дена.

Слични содржини