Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска го посети ЈП „Стрежево” во Битола.
Во продолжение ви ја пренесуваме неговата изјава за медиуми:
„Денес го посетив Јавното претпријатие „Стрежево” и непосредно се запознав со неговото работење.
Ме радува што имав можност да видам едно одговорно менаџирање, пример за тоа како треба да се управува со државна компанија.
Направив кратка обиколка на новата фотоволтаична централа која неодамна е пуштена во употреба.
Покрај тоа што веќе претпријатието ја користи водата како обновлив извор на енергија со пет мали хидроцентрали, одлучува да направи дополнителен чекор кон користење и на сонцето како извор на енергија.
Станува збор за фотоволтаична централа со инсталирана моќност од 500 kW, изградена со сопствени финансиски средства, без задолжување.
30.000.000 денари наместо да се потрошат на непродуктивни расходи, менаџментот одлучува да ги вложи во централа, која годишно ќе произведува околу 700.000 kWh електрична енергија.
Можеби ова е мал во обем капацитет на инсталирана моќност, но значен по амбицијата, по желба да се покаже дека едно јавно претпријатие може успешно да се раководи на сосема поинаков начин од оној на кој сме навикнати низ годините. Што е уште поважно, оваа капитална инвестиција се реализира без да се ускрати можноста за редовни и повисоки плати на вработените, кои во септември 2023 година се зголемени за 10 %.
ЈП Стрежево е првото претпријатие формирано од Владата кое изградило фотоволтаична централа чие производство на струја ќе го продава на слободниот пазар. Остварените приходи ќе бидат добар инпут за неговата финансиска стабилност и редовно подмирување на тековните расходи.
Оваа централа е само едно парче од енергетскиот мозаик од обновливи извори на Северна Македонија во кој во последните 26 месеци се изградени и пуштени во употреба енергетски капацитети со моќност од 616,42 MW, што е доволно за снабдување со електрична енергија на 194.500 домаќинства.
Почитувани, нашата цел како Влада не е само поголемо искористување на обновливите извори на енергија, туку и осигурување дека оваа енергетска транзиција ќе биде праведна, дека нема никого да изостави зад себе”.