Битиќи: За период од шест години успеавме просечната плата да ја зголемиме за 15.487 денари

од Radmila Tasevska
267 прегледи

„Некои велат дека после шест години на власт не треба да се споредуваш со претходниците, колку и да биле лоши. Денес ќе ги послушам и ќе направам поинаква споредба. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2023 година, изнесува 38.843 денари, односно истата во однос на октомври 2022 година, кога изнесуваше 33.104 денари, се има зголемено за 17,3% или за 5.739 денари за една година,“објави на својата ФБ страница вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи.

Тој посочува дека на почетокот од мандатот во 2017 година, во октомври просечната плата изнесувала 23.356 денари, а за една година истата е зголемена за 6,3%, односно во октомври 2018 година таа е со висина од 24.817. Оваа година растот на платата е од 17,3%.

„Нашата посветеност за економски просперитет и подобар животен стандард на граѓаните дава реален резултат, за период од шест години успеавме просечната плата да ја зголемиме за 15.487 денари,“ пишува Битиќи.

Притоа се осврнува на тоа што значи тоа за реалната куповна моќ на граѓаните и нивната благосостојба, ако се земе предвид дека за истиот месец оваа година, инфлацијата е намалена на 3,5%.

„Тоа значи дека реалните плати се повисоки од растот на трошоците за 13,8%. Во октомври имаме раст на платите кое е за околу 5 пати поголем од растот на инфлацијата, што е мерлив доказ за тоа дека економските политики на Владата за повисоки и достоинствени плати и низата на мерки за намалување на инфлацијата даваат мерлив резултат,“ заклучува Битиќи.

Слични содржини