Предлогот на БЕСА кој беше услов за предизборна коалиција доби подршка и од СДСМ. Од таму не гледаат никаков проблем во личните карти да биде запишана и етничката определба, рече во одговор на новинарско прашање премиерот Зоран Заев. Како што кажа тој, СДСМ таквиот став го имал уште при донесувањето на уставните промени.
„Ние сме мултиетничко општество, кадешто покрај државјанството, македонско/граѓанин на Република Северна Македонија, граѓаните се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Бошњаци, Срби…сите етнички заедници во државата и немаме проблем во документ за лична идентификација да го има и тоа право“, рече Заев.
БЕСА започнува со интензивни комуникации со политичките партии со цел да се одблокира усвојувањето на Законот за лични картии во кој е предложено внесување на етничка припадност.
За ВМРО-ДПМНЕ делумно би се зачувало националното достоинство доколку во личните карти може да стои етничката припадност.
Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ рече дека во Собранието по нарачка на Зоран Заев, се прави филибастеринг по однос на Законот за лични карти, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ има еден принципиелен став, односно како што рече тој после сите национални понижувања, тие сметаат дека делумно би се зачувало националното достоинство доколку во личните карти може да стои етничката припадност.
Поддршката за графата за етничка припадност, што ВМРО ДПМНЕ ја прифаќа само доколку во графата националност стои „Македонец“ без да стои новото име на државата е во спротивност со Договорот од Преспа.
Поддршка за предлогот најавија и пратениците од ДУИ, Алијанса и Алтернатива. Од мнозинството засега против е единствено Трајанов, а пратеничката од редовите на Либерално-демократската партија Моника Зајкова ни рече дека ќе се почека на партиските органи да го изградат ставот. Партијата Левица, која го критикува предлогот, поднесе 1.230 амандмани и очекува успешно „кочење“ на процесот.