Цената на најстарата криптовалута, биткоин, продолжува да расте, па рано утрово, според македонско време, таа повторно ја надмина границата од 60.000 долари. Околу 4.30 часот со дигиталната паричка се тргуваше по цена од 60.250 американски долари.
Во моментов, вредноста на најпопуларната криптовалута е околу $59,879.04, според „КоинМаркетКап“ а во текот на изминатите 24 часа, вредноста на биткоинот се зголеми за 1,51 процент.
Да ве потсетиме, историскиот рекорд и највисоката забележана вредност на биткоинот досега беше 61.500 долари.
Пазарната капитализација на криптовалутата е сè уште над трилион долари (околу 1,1 трилион).
Најавата на банкарската групација „Голдман Сакс“ да планира да започне да инвестира во дигитални средства во вториот квартал и да планира да понуди „целосен опсег“ на такви инвестиции „или преку физички биткоин, деривати или традиционални инвестициски фондови“, секако придонесе за најновиот скок.
Податоците собрани од „ЏејПи Морган“ покажаа дека малите инвеститори купија повеќе од 187,000 биткоини овој квартал, во споредба со приближно 205,000 во последниот квартал.
Институционалните инвеститори купија околу 173.000 парчиња најпопуларна криптовалута во светот во тој период, во споредба со скоро 307.000 во последните три месеци од 2020 година.