Биткоинот скокна за 13% денес откако Ел Салвадор донесе закон со кој оваа дигитална валута стана законско средство за плаќање во таа земја.
Најстарата криптовалута во светот скокна за над 13 проценти во раните утрински тргувања, околу 04:48 часот по источно време, на над 37.000 американски долари, а подоцна падна на 36,435,96 долари за време на утринското тргување, според „CoinDesk“, пренесе CNBC.
Сепак, биткоинот сè уште е значително под рекордното ниво од 64.829,14 долари, што беше постигнато во април.
Парламентот на централноамериканската држава во средата донесе закон со кој биткоинот стана правно средство за плаќање. Ова значи дека, меѓу другото, цените во таа земја сега можат да бидат изразени во биткоини и даноците и придонесите да се плаќаат во таа дигитална валута.
Поддржувачите на биткоинот, кои долго време гледаа на оваа дигитална паричка како одржлива алтернатива на официјалните национални валути, го поздравија потегот на Салвадор, според американската ТВ станица.
Државата склучи партнерство со компанијата Strike за дигитални паричници во врска со воспоставување модерна финансиска инфраструктура во Ел Салвадор со употреба на биткоин технологија.
Другите крипто-валути, вклучувајќи етер и XRP, исто така поскапеа денес.