Криптоберзата BitMEX истражува невообичаена активност што доведе до пад на цената на биткоинот на платформата во понеделникот, пишува Bloomberg.
Најстарата криптовалута падна во однос на стејблкоинот USDT до 8.900 долари доцна во понеделникот, додека на другите платформи, биткоинот се тргува над 66.000 долари. Сепак, вредноста брзо се опорави и во вторник веќе беше околу 64.000 долари.
Портпаролот на BitMEX рече дека компанијата го истражува инцидентот и пронашла докази за „агресивна“ продажба која вклучува многу мала група сметки. Според информациите, системите на компанијата работат нормално и средствата на корисниците се безбедни.
Сметката на X, @syq, која прва пријави за ненадејната продажба, сугерираше дека ненадејниот пад на цената се совпадна со продажбата на 977 биткоини во вредност од 66 милиони долари. Портпаролот на BitMEX одби да коментира други детали од инцидентот.
Цената на биткоинот е намалена за околу 14% во однос на нејзиниот најнов рекорд претходно во месецот, по силната побарувачка предводена од интересот околу лансирањето на ЕТФ фондовите во САД во јануари. Сепак, монетата сè уште е зголемена за речиси 50% од почетокот на 2024 година.
Неколку минути пред 12:30 часот по средноевропско време, биткоинот се тргуваше за 63.347 долари, што е намалување за 6,5% на денот, според CoinDesk. Претходно, инструментот Grayscale Bitcoin Trust (GBTC) го пријави својот најголем дневен нето-одлив од 643 милиони долари откако беше претворен во ЕТФ фонд.