Дизајнерката Кристин Баумгартнер, поранешната сопруга на Кевин Костнер, се сврши со Џош Конор, поранешен пријател на славниот актер, помалку од две години по нивниот развод. Баумгартнер и Костнер го завршија својот брак во мај 2023 година по 20 години брак, а таа започна врска со Конор истата година.
Според People, парот се верил на 26-ти јануари за време на интимна вечера во Санта Барбара.
„Требаше да врне, па никој не беше на плажата кога Џош падна на едно колено“, рекол изворот.
Блиските пријатели и семејството не биле изненадени од веридбата.
„Тие го поминаа Божиќ заедно минатиот месец, кога сè започна. И двајцата се исклучително среќни и возбудени за иднината“, додал изворот.
Баумгартнер и Костнер пред 11 месеци ставија крај на долгиот и бурен процес на развод, при што се бореа за старателство над нивните три деца и за висината на алиментацијата.
На крајот, Баумгартнер добивала месечна алиментација од нешто повеќе од 60.000 долари, иако првично побарала 165.000 долари. Во текот на судската постапка таа се обидела да го оспори предбрачниот договор за да обезбеди поголема финансиска сума, но судијата го одбил нејзиното барање.
Кристин поднесе барање за развод во мај 2023 година, а во јули истата година првпат беше видена во друштво на Конор, кој исто така е разведен и има три деца. Тие официјално ја потврдија врската во јануари 2024 година. После тоа се појавија гласини дека Костнер уште порано се сомневал во блискоста меѓу двајцата, но актерот изјавил дека не е сигурен дали неговата поранешна сопруга била неверна, притоа нагласувајќи дека тој бил верен во бракот.
Костнер неодамна призна дека разводот му бил исклучително тежок, но дека има силна поддршка од своите деца.
„Немав друг избор освен да продолжам понатаму. Моите деца внимаваа на мене“, рече тој.