Бизнисот, науката и „Еразмус за млади претприемачи” се обединуваат за зајакнување на претприемачки екосистем

од Vladimir Zorba
354 прегледи

Во рамки на Глобалната недела на претприемништвото, Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) потпишаа Меморандум за стратешка соработка со цел зајакнувањето на претприемачкиот и иновацискиот екосистем во земјата и обезбедување на поддршка во развојот на младите претприемачи преку користењето на можностите на програмата Еразмус за млади претприемачи, која е една од клучните иницијативи на Европската Унија (ЕУ).

Проектот Еразмус за млади претприемачи нуди можност за меѓународна соработка меѓу нови и искусни претприемачи. Проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење веќе две години успешно го води проектот во нашата земја.

„Проектот се базира на соработка меѓу помалку искусен со поискусен претприемач низ цела Европа, каде преку директна секојдневна работа младите претприемачи имаат можност да ги зајакнуваат своите претприемачки вештини и знаења, со цел да ги применат при започнување и понатамошно водење на успешни сопствени бизниси. НЦРИПУ им помага на младите претприемачи од нашата држава да најдат соодветен претприемач – ментор во некоја од европските земји каде би сакале да поминат одреден период на учење, но и на нашите искусни претприемачи да го зајакнат сопствениот бизнис преку меѓународна соработка со тоа што кај нас ќе примат млад претприемач на пракса и менторирање од некоја од европските земји”, истакна проф. д-р Поленаковиќ потецирајќи дека преку проектот се покриваат трошоците за престој во траење до три месеци согласно правилата на програмата.

Претприемачкиот екосистем вклучува бројни елементи, но клучниот недостаток е неискористување на можностите кои се нудат како што е поддршката на ЕУ преку иницијативи како Еразмус за млади претприемачи. Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија Трајан Ангелоски, континуирано го поддржува и придонесува во развојот на иновацискиот и претприемничкиот екосистем во нашата земја.

„Улогата на Сојузот е да придонесе за економска стабилност и раст и развој на целото општество преку застапување на интересите на компаниите, нивна промоција, вмрежување и остварување нови контакти. Ваквите проекти се од големо значење за остварување на нашите цели. Со учество во проектот „Еразмус за млади претприемачи”, нашите компании имаат можност да бидат дел од голема европска база на компании и да ги зајакнат своите контакти. Дополнително, пренесувањето на искуства и размена на идеи со млади и амбициозни претприемачи од европските земји придонесува за проширување и подобрување на бизнисот”, истакнува Ангелоски потенцирајќи дека заеднича цел е да регрутираме и поврземе млади претприемачи од Европа со искусни претприемачи, компании-членки на ССКМ, како и да ја стимулираме и поддржуваме мобилноста на младите претприемачи од нашата земја низ Европа.

Овие процеси ќе дадат значаен придонес за зајакнување на домашниот претприемачки и иновациски екосистем. Преку учеството во оваа програма се потврдува заложбата за членство во ЕУ и присуството на заедничкиот европски пазар.

Слични содржини