Мултинационалниот инвестициски фонд BlackRock и JPMorgan Chase Bank и помагаат на украинската влада да создаде банка за реконструкција за да го насочи основниот капитал во проектите за реконструкција на земјата што би можеле да привлечат стотици милијарди долари во приватни инвестиции.
Украинскиот развојен фонд се уште е во фаза на планирање и не се очекува да биде целосно оперативен до крајот на непријателствата со Русија, пишува Фајненшл тајмс. Повеќе детали за ова инвеститорите ќе можат да слушнат оваа недела во Лондон, каде што ќе се одржи заедничка конференција на британската и украинската влада.
Според BlackRock, денешните долгорочни предизвици најдобро се решаваат преку комбинирано финансирање, поради што е неопходно формирање на банка за реконструкција за прибирање капитал во голем обем.
Светската банка во март процени дека на Украина и требаат 411 милијарди долари за повоена обнова, а во меѓувреме таа сума се зголеми. Владата во Киев го ангажираше консултантскиот сектор на BlackRock за да одреди како најдобро да привлече капитал, а во февруари ја ангажираше JPMorgan.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски минатиот месец објави дека земјата работи со две финансиски групи и консултанти. Не е поставена формална цел за прибирање капитал, а изворите велат дека фондот треба да привлече евтин капитал од владите, донаторите и меѓународните финансиски институции, како и неколкукратно повеќе приватни инвестиции.