Бланшет: Да размислиме како заедно да изградиме побезбеден и похуман свет

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Светскиот ден на бегалците годинава е можност да размислиме за несигурноста со која се соочуваат оние што мораа да ги напуштат своите домови, а на кои другите беа сведоци оваа година поради пандемијата на коронавирус, изјави оскаровката Кејт Бланшет по повод тој ден.

Австралиската актерка и амбасадор на добра волја на УНХЦР, агенција за бегалци на Обединетите нации, рече дека денот, кој се слави на 20 јуни годинава, се случува во време на „предизвици и размислувања“.

„Бевме принудени да се соочуваме со чувство на несигурност, а тоа е, се разбира, ситуацијата со која живеат повеќето бегалци секоја година“, изјави Бланшет за Ројтерс.

„Постои можност да размислиме како се справивме со таа несигурност и можеби да се ставиме во кожата на мајките, татковците, лекарите и адвокатите кои, без нивна вина, избегаа и живеат 18-19 години во состојба во која ние бевме 18 месеци “, истакна актерката.

Темата на годинашниот Светски ден на бегалците повикува на поголемо вклучување на бегалците во здравствените системи, образованието и спортот.

„За жал, конфликтите низ светот продолжија дури и за време на Ковид-19“, рече Џилијан Тригс од УНХЦР, во заедничкото интервју со Бланшет.

„Се обидуваме да разговараме за поддршка на земјите домаќини за да им овозможиме на луѓето да добијат пристап до образование, деца да одат на училиште, членови на семејството да работат, но исто така, се разбира, особено за време на пандемија, да имаат пристап до здравје и вакцини“, вели Тригс.

Во својот годишен извештај објавен во петокот, УНХЦР рече дека бројот на оние кои морале да ги напуштат своите домови поради конфликт, гонење или кршење на човековите права е двојно зголемен во последните 10 години. На крајот на 2020 година имало 82,4 милиони бегалци.

Како дел од нејзината улога во УНХЦР, Бланшет ги посети Либан, Јордан и Бангладеш и се обрати пред Советот за безбедност на ОН на тема бегалската криза на мијанмарското малцинство Рохинџа.

„Верувам дека Светскиот ден на бегалците не можеше да дојде во подобро време, затоа што сега навистина можеме да размислиме како можеме заедно да изградиме посилен, побезбеден и похуман свет, а инклузивноста всушност да биде натчовечка сила“, заклучи оскаровката .