Украинската војна покажува дека доминацијата на Западот се ближи до крајот додека Кина, во партнерство со Русија, се издигнува до статусот на суперсила за време на една од најзначајните пресвртници во историјата, според поранешниот британски премиер Тони Блер.
Светот е во историски пресврт споредлив со крајот на Втората светска војна или со распадот на Советскиот Сојуз, рече Блер, но овој пат Западот очигледно не е во подем.
„Се приближуваме кон крајот на Западната политичка и економска доминација“, рече Блер на предавањето насловено „Кои се лекциите за Западното раководство по Украина?“ според транскриптот од неговиот говор објавен на британскиот форум за поддршка на сојузот меѓу САД и Европа.
„Светот ќе биде барем биполарен, а можеби и мултиполарен“, рече Блер. „Најголемата геополитичка промена на овој век ќе дојде од Кина, а не од Русија“, додаде тој.
Руската инвазија на Украина уби илјадници луѓе и ја предизвика најсериозната криза во односите меѓу Русија и Западот од Кубанската ракетна криза во 1962 година, кога многумина стравуваа дека светот е на работ на нуклеарна војна.
Претседателот Владимир Путин тврди дека Западот објавил економска војна обидувајќи се да ја изолира руската економија со санкции. Кремљ вели дека Русија ќе се сврти кон сили како Кина и Индија.