Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека Русија ја користи храната како оружје за да го скрши духот на украинскиот народ, додавајќи дека вината за кризата со храна очигледно е во Москва.
„Руската Федерација лажно тврди дека меѓународните санкции предизвикуваат глобална прехранбена криза. Но, санкциите не ги блокираат пристаништата на Црното Море, не окупираат бродови полни со храна, ниту ги уништуваат украинските патишта и железници. Тоа го прави Русија“, рече тој, пренесува Ројтерс.
Оваа изјава на Блинкен доаѓа откако Русија рече дека ќе размисли за деблокирање на пристапот до пристаништата на Црното Море, доколку се размисли за укинување на санкциите врз нив од Западот.
Претходно овој месец, украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на итни чекори за отворање на украинските пристаништа блокирани од Русија за да се овозможи извоз на пченица и да се спречи глобална криза со храна.