САД не сакаат ескалација со Иран, но ќе продолжат да го бранат Израел по иранскиот напад, изјави шефот на американската дипломатија Ентони Блинкен.
„Не бараме ескалација, но ќе продолжиме да го браниме Израел и да ги штитиме нашите сили во регионот“, рече Блинкен на почетокот на средбата во Вашингтон со ирачкиот вицепремиер Мухамед Али Тамим.
Американскиот министер го осуди иранскиот напад од „огромни размери“, прв директно насочен кон Израел.
Блинкен рече дека во последните 36 часа бил ангажиран во интензивна дипломатска активност за координирање на дипломатски одговор, во обид да спречи ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.
Шефот на американската дипломатија разговараше со колеги од Египет, Јордан, Турција, Саудиска Арабија, Велика Британија и Германија.
Заменик-премиерот на Ирак, од своја страна, изрази страв дека целиот регион може да биде вовлечен во поширок конфликт што ќе ја загрози и меѓународната безбедност.
„Затоа, ги повикуваме сите страни на воздржаност“, рече Ал Тамин.
Ирачкиот премиер Мохамад Чиа ал-Судани денеска престојува во САД, каде во Белата куќа ќе биде примен од претседателот Џозеф Бајден.